Амбасадата на САД го искара Мицкоски


Американската амбасада во Скопје му прати индиректна пораката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – дека претерал. Во реакцијата што ја објави на Фејсбук и на Твитер амбасадата порача дека запалливата реторика на политичките лидери предизвикува страв и поделби во земјата особено кога настани од минатото, како Нирнбершките процеси, се користат во погрешен контест.

-Воспалителна реторика од страна на политичките лидери предизвикува страв и поделби, особено кога неправилно ги користат минатите настани, како што се Нирнбершките процеси за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог околу правецот во кој се движи земјата.  Многу е важно лидерите да се вклучат во граѓански дијалог кој може да ја унапреди стабилноста и просперитетот на Северна Македонија, стои во реакцијата на амбасадата.

Во интервјуто за Сител Мицкоски, коментирајќи го приведувањето на Митко Чавков пред изрекувањето на пресудата за 27 април рече: „Имам информации дека Митко Чавков е осуден на подолго од 14 години. Очекувам вкупната пресуда што ќе се изрече ќе биде преку 100 години за сите луѓе и ќе биде практично Нирнбершки процес, осветољубие и ништо друго“.