Алонсо ќе се врати во Формула 1 по една година


Легендата на Формула 1 и Мекларен, Емерсон Фитипалди очекува Фернандо Алонсо да се врати во Ф1 по една година. Двократниот светски шампион го напушти спортот минатата година, откако изгуби трпение да го чека Мекларен да излезе од кризата и да се врати кон славните успеси.

Шпанецот гопропушти стартот на сезоната 2019 во Мелбурн, бидејќи во исто време беше во Флорида, каде ја освои трката „1.000 милји на Себринг“ со Тојота во Светскиот шампионат за издржливост.

Како што е познато, Алонсо е амбициозен да запише „Троен слем“ – тој веќе има победи во Гран при на Монако и „24-те часа Ле Ман“ и му останува единствено „Индијанаполис 500“.

– Сите мислевме дека проблемот е моторот на Хонда, но минатата година беше исто со Рено. Во секој случај, мислам дека тој ќе се врати назад следната година. Го гледам дека е добро подготвен физички, психички е одлично мотивиран да победи, па зошто да не се врати? Ако има автомобил, со кој може да победува, со сигурност ќе се врати, вели легендата на автомобилските трки.