Алими: ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за формирање на новото Министерство


Формирањето на ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците е потребно и произлегува од анализата на Рамковниот договор од 2015 година, рече пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, на денешната собраниска расправа за измените во Законот за Владата.
Со измените се предвидува трансформација на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во ново Министерство, кое ќе ги преземе неговите надлежности.
Како што рече Алими, поддршка за оваа идеја дали сите партии.
-Мило ми е што поддршка добивме и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ и од независните пратеници. Со ова правиме чекор напред како општество еднакво за сите – рече Алими.
Пратеникот Енес Ибрахим, од Партијата за Движење на Турците, пак, праша на кои заедници ќе се однесува ова Министерство.
-Во духот на мултиетничкото општество ново Министество е потребно, но со предлог-законот не е прецизирано дали ќе се однесува на правата на помалкубројните заедници. За кои сѐ заедници станува збор, за етнички, верски, ЛГБТ заедница или други? Што правиме со помалкубројните заедници – рече Ибрахим.