Алексов: Граѓаните да се информираат и да гласаат на референдумот


Од исклучителна важност е граѓаните добро да се информираат и да го остварат своето право на глас на референдумот, порачува Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

-Граѓаните добро да се информираат и да го искористат своето право на глас, затоа што како граѓани во оваа држава ние користиме одредени бенефиции и права. Како што сакаме да ги користиме привилегиите и бенефициите, исто така треба да ги спроведуваме нашите обврски. Една од обврските е да бидеме активни граѓани и да учествуваме во процесот на донесување на одлуки, а ова е една многу важна одлука од којашто зависи како државата ќе се развива во следните 5-10 години – вели Алексов во интервјуто.

Според него, потегот да му се дадат пари на Собранието на РМ за референдумска кампања од државниот буџет е легитимен, затоа што инаку нема кој друг тоа да го финансира.

– Не постои трета страна која би можела да му даде пари на Собранието, кое пак е единствен носител на референдумската кампања како официјален предлагач и распишувач на граѓанското изјаснување. Ако е од јавен интере, тоа е добро што на тој начин се финансира, а од друга страна таму има повеќе од една опција за тоа како треба да се гледа на референдумот и сите тие гледишта имаат право на тие јавни средства. Кога Собранието е организатор на кампањата, не може да очекуваме средствата да доаѓаат од некоја трета страна. Со тие пари се застапуваат сите опции на информираност на граѓаните, односно нема еднострано информирање, вели тој.