Албанските аналитичари:Рама повеќе да работи, помалку да зборува


Изјавата на Еди Рама дека Косово и Албанија треба да имаат заедничка надворешна политика и претседател покрена реакции во Македонија, Србија, Грција и во Брисел

Изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, во косовскиот законодавен дом дека во иднина Косово и Албанија можно е да имаат еден заеднички претседател предизвика политички земјотрес на Балканот. Со реакција се јавија од Србија, Атина, но и од Брисел. Според портпаролот на Европската Унија, Катерин Реј, изјавите слични на таа што ја даде Рама во Приштина не се во контекст на регионалниот мир и истите претставуваат мешање во внатрешните работи на Косово.
„Изјавите што може да се оценат како политичко мешање во соседните држави не помагаат во градењето на добрососедски односи. Европската Унија од сите земји очекува да продолжат со конструктивните и кооперативни односи“, порача Реј.

Во соседна Србија лидерот на Националната партија на Србите, Ненад Поповиќ, изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, ја оцени како мошне ризична и надвор од рамката за мир меѓу земјите на Западен Балкан, поради што, како што наведе Поповиќ, Рама треба да биде прогласен за непожелна личност.

„Толкувањето на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека Албанија и таканаречената држава на Косово треба да имаат заедничка надворешна политика и претседател е насочено против мирот во регионот и претставува непријателски акт против Србија“, изјави Поповиќ.

Изјавата на Рама покрена големи реакции и коментари и кај грчките медиуми, кои во најновите изданија пишуваат дека идејата за „Голема Албанија“ е сѐ уште жива. Познатиот грчки новинар на телевизијата „Алфа“, Димос Верикос, го спореди Рама со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, бидејќи сонува за „Голема Албанија“.
„Духот на ‘Голема Албанија’ пак заживеа за да стане реалност, Еди Рама сонува како Ердоган“, напиша Верикос.

Но дел од познавачите на домашната и на регионалната политика за „Независен“ изјавија дека Рама треба повеќе да работи, а помалку да зборува и дека во моментов на Западниот Балкан не му се потребни вакви бомбастични изјави.
Мерсел Билали изјавата на Рама ја оцени како штетна за евроатлантскиот пат на земјите од Западен Балкан.

„Оваа изјава спаѓа под балканскиот менталитет, да изговараат големи зборови, а да прават мали дела. Таа изјава повторно го разбуди политичкиот амбиент во и така комплицираниот балкански менталитет во момент кога меѓу влијателните земји, Русија и САД, трае остра геополитичка битка. Ваквите изјави му наштетуваат на процесот на релаксирање на односите, како и на прозападното движење во Балканот. Можеби соединувањето на двете држави може да се случи по природен пат, но тоа не може да се случи со бомбастични изјави на лидерите бидејќи може да резултира со кочење на целиот процес“, изјави Билали, кој додаде дека во овој момент не се потребни бомбастични изјави и политичарите треба помалку да зборуваат, а повеќе да работат.

Аналитичарот Иса Спахиу, пак, смета дека изјавите на Рама, со оглед на тоа дека зборува многу, а малку работи, се само политички маркетинг за да го одвлече вниманието на јавноста од вистинските проблеми.

„Ќе му верував на Рама и на неговата изјава, само ако националното обединување го направеше преку заедничката национална азбука, значи тоа што го започна како проект, а не го заврши. Потоа, сензибилизарањето на прашањето на Прешевската Долина, потоа кој било од нив, Рама или Хашим Тачи, да го расчистеа прашањето на Митровица, да го затвореа прашањето со Црна Гора, а не да се занимаваат со ова прашање, само тогаш ќе им верувам дека се искрени и премиерот на Албанија и премиерот на Косово. Во спротивно, ова за мене претставува моментална политичка провокација и маркетинг на Еди Рама, кој се обидува да се спаси од другите отворени прашања во Албанија“, рече Спахиу.

Спахиу натаму смета дека експериментите со мултиетничноста на Балканот не го даваат резултатот што го очекуваше Европската Унија, па во корелација со изјавата на Билали смета дека Рама повеќе треба да работи и помалку да зборува.

Ова не е првпат премиерот на Албанија, Еди Рама, преку слични изјави да ја разбранува меѓународната јавност. На 17 јануари пред младите кадри на неговата партија изјави дека токму тој и неговата партија се најзаслужни за носењето на законот за јазиците во Македонија.

„Пред неколку дена во македонското Собрание помина законот кој пред некое време не можеше ни да се замисли. Јас ви велам дека сите вие треба да бидете горди, треба да бидат горди сите тие што гласаа, ја поддржаа и веруваа во оваа партија, бидејќи без неа денеска немаше да постои официјален албански јазик во Македонија“, изјави албанскиот премиер Еди Рама пред нешто повеќе од еден месец. Претходно предизвика бура во Македонија со собирот за тиранската платформа, а повеќе епизоди се случија и на релација со Србија. Дури и во Косово реагираа на неговата изјава како одраз на непочитување на независноста.

Блерим Исмаили