Алаѓозовски: Министерот Адеми има право да именува советници, но овој чекор е погрешен


Националниот координатор за културата во Владата и ексминистер за култура Роберт Алаѓозовски вели дека министерот има право за именува советници, но тој лично не се сложува со последната одлука на актуелниот министер Асаф Адеми, да им ги откаже ангажманите на советниците Златко Теодосиевски и Донка Барџиева Трајковска.

„Министерот за култура има полно право да ги именува своите советници, но сметам дека овој чекор е погрешен, со оглед на тоа дека тие двајца се вклучени во многу стратешки процеси“, изјави Алаѓозовски за Независен весник.

На прашањето дали министерот Адеми и националниот координатор Алаѓозовски се консултираат по однос на некои одлуки, тој одговори потврдно, но негираше дека за оваа одлука се консултирале.

„По однос на овој потег конкретно немавме консултации, иако за други прашања се консултираме, меѓутоа не за сè“, вели Алаѓозовски.

Министерот за култура Асаф Адеми ги известил надворешните соработници, негови советници Златко Теодосиевски и Донка Барџиева Трајковска дека повеќе нема потреба од нивните понатамошни ангажмани како стручни советодавни лица за креирање на културни политики за 2019 година.
И Теодосиевски и Барџиева – Трајковска не добиле детално образложение зошто нивниот ангажман се прекинува.

Двајцата беа членови на работната група за ревизија на проектот Скопје 2014. Теодосиевски е и координатор на Националната стратегија за култура 2018- 2022. Стратегијата беше започната од поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и беше најавена како суштински документ кој ќе биде водилка во стратешкото спроведување на новите културни политики на новата Влада, кои ќе доведат до вистински промени и ќе придонесат до поголем квалитет, вклученост, одржливост и напредок за културата и уметноста во нашата земја на подолг рок.

Барџиева – Трајковска работи и на измените на Законот за заштита на културното наследство, како и на создавање на листата на културното наследство, но и на ревизијата на работата на Управата за заштита на културното наследство.

За „Независен весник“, велат дека не знаат ниту пак претпоставуваат зошто им се прекинати ангажманите. Со оглед на тоа дека работат во повеќе делови со цел унапредување на реформите во културата, се поставува прашањето дали реформите ќе продолжат и како?

Очекуваме одговор и од Министерството за култура.
Ивана Настеска