Алаѓозовски: Интензивно се работи за да се изнајде решение за Архивот


Интензивно работиме за изнаоѓање решение за просторниот проблем на Државниот архив на Република Македонија. Ситуацијата е многу комплицирана. Проблемот е во тоа што во ниеден од објектите кои фигурираа во јавноста како можни, дури и враќање во старите простории на Архивот не ги имаат идеалните услови.

Ова денеска го истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски кој рече дека дури и старата зграда на Архивот веќе претрпела одредени реконструкции за да служи во интерес на новата установа и се нарушени оние услови кои претходно ги имало.

– Интензивно разговараме за да видиме која од постојните установи би ги задоволила таквите услови, а тие услови се многу сложени. Во таа смисла директорот на Архивот и дел од министрите во Владата теренски, проектно ја разгледуваат постојната инфраструктура како привремено решение, а интензивно се трага да се најде или да се изгради нов објект кој би ги имал сите услови, рече Алаѓозовски одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференција на која ја презентираше годишната програма и резултатите од годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 година.

Во врска со тоа што ќе се преземе ако дојде до нови прокиснувања во објектите каде се сместени некои од институциите, тој рече дека испратиле насоки до сите институции да ја следат состојбата.

Во овој момент согласно Законот за јавни набавки, посочи, во тек се тендерски процедури кои треба да ги изберат најповолните понудувачи со цел тие институции да пристапат кон санација.

– Значи одевме на тоа прво да ги разрешиме објектите од прокиснување. Во некоја следна фаза ќе одиме на други натамошни интервенции во објектите, средување на проблемот со греењето или со санитарните јазли. Во овој момент став на Комисијата беше дека ќе треба да се санираат најургентните состојби во инфраструктурата кои може да предизвикаат натамошно оштетување на објектите, додаде Алаѓозовски.