Незаконски се делеле субвенциите за пејачите


Министерот за култура Роберт Алаѓозовски изјави дека по добивањето на одлуките на МРТ по објавен конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, денеска упатил инспекциски надзор којшто констатираше дека длабоко се пробиени роковите за носење на овие одлуки и согласно тоа одлуките треба да бидат поништени.

– Од страна на инспекцискиот надзор, раководството на МРТ беше предупредено дека се соочува со кривична одговорност поради овие незаконски донесени одлуки со кои се создава штета по буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата. Исто така раководството на МРТ беше предупредено дека склучувањето на договори со авторите по овие одлуки ќе предизвика дополнително кршење на Законот и нови основи за кривична одговорност, изјави министерот за култура Алаѓозовски на прес-конференцијата што се одржа во Битола.

Тој најави дека Министерството по целосно завршување на инспекцискиот надзор ќе ги извести сите надлежни органи да постапат во рамки на нивните надлежности во врска со овие незаконски одлуки.

– Ја известуваме јавноста дека Министерството не само што ги оспорува овие одлуки, туку почна да врши ретроактивна детална проверка на претходните конкурси за кои има сознанија и индиции за крупни неправилности, рече Алаѓозовски.

Од првичниот увид во документацијата и начинот на спроведување на легислативата воочени се, нагласи, повеќе прекршувања, а едно од наjфлагрантните прекршувања се однесува на членот 20 од Законот за поддршка на домашната музичка продукција, каде што се вели дека директорот на ЈП МРТ по предлог на комисијата, во рок од три дена сметани од денот на доставувањето на предлогот на комисијата, донесува одлуки за избор на изведувачите, односно композициите кои се прифатени на конкурсот.

– Извештајот на комисијата за вториот квартален конкурс, според одлуката на директорот, бил доставен до него на 19 септември 2017 година и според Законот, директорот требало да одлучи во рок од три дена. Самиот факт дека оваа одлука е донесена на 5 јануари, годинава јасно упатува на направениот прекршок на легислативата, рече Алаѓозовски.

На денешната средба со новинарите во Битола, министерот за култура Алаѓозовски посочи и на други неправилности од работењето на МРТ при реализирањето на овие конкурси заради пробивање на рокови, конкурирање на некои автори со исти песни на два конкурса, за што добивале средства, избор на одредени членови на комисиите коишто не ги исполнуваат законските услови или пак воопшто во својата кариера не работеле на позиција музички уредници, овозможување на некои автори да добиваат пари и преку категоријата „изведувачи“, а некои други за истата причина биле одбивани од конкурси.

Во праксата биле утврдени и повеќе случаи каде што еден изведувач конкурирал и добивал средства во повеќе категории во рамки на ист конкурс или пак членови сопружници доделувале средства на членови од семејството како на комисијата.

– Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој постојано создавал долгови по буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти, ниту пак придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници, изјави Алаѓазовски.