Акцијаши и тендераши


Звонко Давидовиќ

Мечкин Камен и Крушево во 1903 година ечат од гласот на народот и водачите на Илинденското востание кои силно и едногласно повикуваат: „Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода…“

Мечкин Камен 2018 година ечи од повиците „Мртов шиптар, добар шиптар“ зачинети со говор на омраза кон се што не е македонско и се што мисли поинаку.
Напредокот во демократијата, мисловниот процес на дел од луѓето и сфаќањето на патриотизмот е очигледен и е на ниво на средниот темен век. Забораваат „патриотите“ дека суштината на патриотизмот е љубов, љубов кон татковината и народот, а не омраза кон соседот.
Автопат Братство Единство, Шамац-Сараево, Катланово, Дунав-Тиса-Дунав и уште многу младински работни акции пред четириесетина години ечеа од песна на младите кои ја градеа својата татковина. Без пари или каков било надомест работеа со недели на изградба на инфраструктурата на својата татковина. Рамо до рамо Срби, Македонци, Хрвати, Босанци, Албанци, Турци, Власи, Словенци братски создаваа подобро место за живеење, но пред сè се запознаваа, почитуваа и ја делеа радоста и тагата.
Оваа 2018 година повеќе ништо не е бесплатно и младите и не размислуваат нешто да направат бесплатно за својата земја. Сè има своја цена и сè е на продажба, па дури и патриотизмот. Не се виновни младите за таквиот однос и размислување бидејќи го научиле од постарите. Денес никој не размислува што може да направи за својата татковина туку размислува колку ќе се офајди од својот ангажман. Централно место во нашето општество веќе долго време зазема партијата, а не татковината.
Така дел од новинарите станаа портпароли, изградија куќи, добија плацови и дебели банкарски конта за својот навивачки ангажман. Дел од адвокатите на „тендери“ добија дебели паушали, бизнисмените само ги сменија дресовите, пејачите митинзите, а глумците публиката и сите беа пак на свое, чесно и поштено добиено на „тендер“. Иноваторите без иновации добија субвенции, заслужниот партиски кадар бенефиции, раководството баснословен имот и се во име на „патриотизмот“, љубовта кон себе си и својот џеб и по цена на чинење определена со тендер.
Денес тендерот е заслуга и награда, денес тендерот е монета за поткусурување и исплата на „патриотизмот“. Денес претседателот не повикува на братство и единство, туку на делби и поделби според количеството на родољубие кое само тој може да го измери. Денес не се повикува на сплотеност и единство, на братство и еднаквост, туку се повикува на омраза, смрт, делба по национална, верска и партиска основа. Се што мисли поинаку е недостојно за живот и недостојно да ја сака својата држава според мислењето на овие наши „патриоти“.
За нив секој оној што украл и проневерил огромни суми народни и државни пари е патриот затоа што гласно и злобно ги мрази комшиите и политичките опоненти и тоа по потреба. За овие луѓе, па и за „таткото“ на нацијата, патриот си ако ги имаш боите на едната партија без оглед што си ја испокрал државната каса, си ја фалсификувал историјата, а државата си ја направил средновековен феуд. Денес си патриот ако ќариш на тендер, а предавник си ако бараш одговорност, еднаквост пред законот, отчетност и казни за криминал. Патриот си ако мразиш и делиш, тепаш и убиваш, а предавник си ако сакаш и почитуваш. Денес си патриот ако мислиш дека потекнуваш од Александар Македонски и се воодушевуваш на барокни гипс-картон градби, а предавник си ако си потомок на Кирил и Методиј и ги сакаш Старата железничка станица и Старата чаршија.
Некогаш ја сакавме својата земја и го покажувавме тоа со своето залагање за подобрување на општеството, правниот систем, образованието, со својот личен труд без да бараме надомест или привилегии. Секако дека и тогаш се краделе и злоупотребувале државните и народните пари, но прво, тоа беше толку минорно што разликата беше во тоа што некој вози „рено“, а некој „застава 101“, и второ, осомничените и фатените одговараа и се спроведуваше постапка. Јавната, општествена осуда болеше многу повеќе од правната.
Денес за секој ангажман или постапка се бара надомест и ќар, привилегија или отстапка. Денес во крадењето нема ни мерка ни граница, а уште помалку судска постапка. Наместо јавна, општествена осуда, денес на таквите ликови им се дава поддршка, аболиција, коалиција, инклузивност.
Некогаш бевме горди на својата земја и нејзините достигнувања, затоа што беа и наши достигнувања, затоа што љубовта беше искажана и покажана со пликовите на рацете од бесплатна работа за изградба на земјата, со потта и трудот да се биде подобар и да се научи и осознае, со чесноста и почитувањето на секоја индивидуа и нејзините права.
Денес ја сакаш својата земја онолку колку што си добил на тендер, колку си успеал да проневериш или злоупотребиш без казна или одговорност. Денес се на цена тендераши, а не акцијаши, денес се воздигнуваат и се слават нечесноста и омразата, а се потсмева со чесноста и со љубовта.