Активистите за чист воздух незаинтересирани за „Дрисла“


Активистите за животна средина, особено оние кои се гласни кога станува збор за чистиот воздух очигледно не се сериозно заинтересирани за актуелните состојби во Скопје. Ако се суди по нивниот интерес за работата на депонијата „Дрисла“, не остана здружение кое и натаму ќе ги следи состојбите со амбиенталниот воздух и ќе се залага за негово подобрување.

Денеска, на отворениот ден на „Дрисла“, организиран од Град Скопје, присутни беа само од „Пакомак“, немаше други регистрирани присутни претставници од невладиниот сектор и други активисти за животна средина.

Од Град Скопје велат дека официјално поканиле 11 здруженија да бидат дел од настанот каде на лице место присутните можеа да се уверат во начинот на работење на депонијата.

„Од 11 уредно испратени покани, само од три здруженија најавија дека не можат да присуствуваат од оправдани причини. Останатите ниту го најавија своето отсуство, ниту пак гледаме нивен претставник“, коментираа од Град Скопје на денешната посета на депонијата. За градските власти апсурдно е десетици здруженија да се активни и гласни во одредени временски периоди, а на денешниот настан, кој според Град Скопје симболично имал голема тежина, да нема никаква заинтересираност.

Денеска на „Дрисла“ беше ставен во употреба филтерот на печката за согорување медицински отпад кој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксид и други честички кои се ослободуваат при согорувањето. (Д.Т.Д.)