Актерот Благој Веселинов избран за „Европска ѕвезда во подем“


Македонскиот актер Благој Веселинов е селектиран за „Европски ѕвезди во подем“ во рамките на програмата на Берлинскиот филмски фестивал кој ќе се одржи од 8 до 11 февруари 2019 година. Интернационалниот фестивал ќе промовира пет актерки и пет актери од Европа, меѓу кои е и нашиот Веселинов. Целта на програмата е на актерите да им се овозможи полесна соработка и запознавање со кастинг директори, продуценти и останати филмски работници. Ова е уникатна можност Веселинов да оствари лични контакти со видни професионалци од областа на европската кинематографија.

На 69. издание на Берлинскиот филмски фестивал на десетте млади актери ќе им биде врачена и наградата. Програмата за таленти е финансиски поддржана од МЕДИА програмата на Креативна Европа од Европската Унија.
Во појаснувањето за селекцијата на овие десет актерски имиња за Благој се вели дека има „длабока и неочекувана сензитивност“ во многунаградуваниот македонски филм „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески.

„Европски ѕвезди“ е најстарата и најпрестижната иницијатива за промоција на европски таленти на меѓународниот филмски пазар. Досега, од Македонија како актерски ѕвезди во подем беа промовирани и Лабина Митевска во 1998 година и Наташа Петровиќ во 2011 година.
За сегашната селекција, жирито го сочинуваат американскиот кастинг директор Ејви Кофман, филмската критичарка Тара Карајица од Србија, македонската режисерка Теона Стругар Митевска, ирскиот продуцент Мекдара Келехер и Ингвар Сигурдсон од Исланд кој беше избран за европски талент во 1999 година.

Од основањето на оваа програма досега се промовирани 303 актерски имиња од кои градат светска кариера, вклучувајќи ги Алисиа Викандер, Матиас Шоенартс, Домнал Глисон, Александер Фелинг и други.

Веселинов е активен десетина години на повеќе филмски и театарски проекти, но пошироката јавност го запозна преку филмот „Исцелител“. Повеќето ангажмани му во рамките на независната културна сцена вбројувачки педесетина претстави и филмови, а од неодамна е вработен во Македонскиот народен театар.

Фото: Б. Грданоски