Ако не се укинат визите за Косово, единствено објаснување би било албанофобија во ЕУ


Приштина треба да ги разгледа односите со ЕУ, ако оваа година не се донесе позитивна одлука за визна либерализација. Единственото објаснување за „црвеното светло“ од Брисел ќе биде албанофобија во одредени европски престолнини, вели вицепремиерот за Косово, Енвер Хоџај.

Во интервјуто за приштинскиот весник „Зери“, тој рече дека Косово применува 95 проценти од критериумите поставени од Европската комисија и дека ЕУ нема причина да не го затвори овој процес.

Според Хоџај, ако визната либерализација не биде постигната до крајот на годината, ЕУ ќе стане институција на која не може да ѝ се верува.

„Ако се случи тоа, единственото објаснување што би го имал е тоа дека во некои европски главни градови владее форма на албанофобија и ние навистина треба да размислиме како се однесуваме во однос на ЕУ“, рече тој.