Ако може без гувернер, може и без претседател
Александра М. Митевска
Премиерот Зоран Заев е можеби еден од ретките кој е изненаден од тоа што претседателот Ѓорге Иванов, без да почувствува потреба за консултации со парламентарното мнозинство, го доставил до парламентот предлогот за реизбор на Димитар Богов за гувернер на НБРМ. По сите опструкции што Иванов им ги приредува на СДСМ и ДУИ, уште од завршувањето на парламентарните избори во 2016 година – почнувајќи од „узурпацијата“ на мандатот за формирање Влада, па до условувањата околу кадровските решенија за амбасадори, аташеа, членови на Уставниот суд… неговиот последен дневно-политички маневар не е нешто неочекувано.
Што друго може да се очекува од шеф на држава кој, на пример, своевремено, без никакви консултации со стручни кругови, прогласи колективна аболиција на сите инволвирани во аферата со прислушувањето. А, сега наеднаш се сети дека треба да праша експерти, но не и релевантни политички фактори, за тоа кого да предложи за гувернерската функција, која е политичка со самото тоа што изборот оди преку парламентот. Што друго може да се очекува од претседател кој своевремено, на пример, со две раце ги потпишуваше и најспорните решенија за дипломати. А, сега инсистира на професионалност на тој план, за потоа да си дозволи да елиминира и долгогодишни професионалци од МНР, не водејќи сметка за пораките што ги праќа државата со празни амбасадорски места во важни европски центри…
Во последниот случај со предлогот за иден гувернер, неодминлив е впечатокот дека главниот мотив на Иванов не е неговата импресионираност од монетарната политика на Богов во изминатите седум години, туку неговата намера да ги измеша лончињата во парламентот и да им причини нови главоболки на партиите од парламентарното мнозинство. Впрочем, квалификациите на Богов се најмал проблем во овој случај. Дури и да претпоставиме дека тој е најдобар кормилар на НБРМ досега и дека заслужува реизбор, проблемот е во тоа што претседателот го пушти својот предлог на мала врата во Собранието, не водејќи многу сметка дека досегашниот гувернер може лесно да изгори во политичката битка. Едностраниот предлог е исто така своевиден показател дека на Иванов и во овој случај му било поважно да му покаже „кој е кој“ на владејачкото мнозинство отколку што е загрижен дека НБРМ може да остане без гувернер – доколку СДСМ не реши и овој пат да биде опортун во однос на кадровските потези на шефот на државата.
Можеби резонот на Иванов е дека Македонија може да преживее и без гувернер, кога веќе толку време преживува без Државна изборна комисија, без Антикорупциска комисија или како што едно време преживуваше без министер за здравство или сега со министер за правда во оставка… Но, ако се оди по таа логика, тогаш Македонија ќе преживее веројатно и без шеф на државата… Со тоа во овој момент, можеби, ќе се согласат и партиите на власт на „Илинденска“, кои, исто така, не се претргнаа многу да ги пополнат сите челни позиции во институциите што се испразнија поради лични или колективни оставки. Зошто тогаш би истрчале да го прифатат предлогот за старо-нов гувернер кој Иванов, практично, им го подметна без да ги праша дали би гласале за него во парламентот? А, можеби, и ќе го прифатеа доколку шефот на државата директно им ги предочеше своите аргументи зошто смета дека Богов треба да остане на функцијата! Во една таква комуникација тие аргументи ќе добиеја можеби поголема тежина од, на пример, аргументите на ДУИ за тоа зошто, пак, Фатмир Бесими треба да биде номиниран за гувернер.
Ако постои политичка волја и желба за пристојна кохабитација, со дијалог може да се надминат многу недоразбирања и да се олеснат наместо постојано да се усложнуваат политичките процеси во државата. Наместо тоа, Иванов и овој пат реши да се однесува како опозициски лидер, а не како претседател на сите граѓани, кој ја дели моментно извршната власт со гарнитурата која не го подддржала на претседателските избори.
Затоа и не е чудно што од поодамна сите кренаа раце од покровителската улога што претходните претседатели ја имаа во политичкиот дијалог на земјава. Консултациите со политичките противници, едноставно, на Иванов не му се јака страна! Во изминатите девет години, колку што е на претседателската функција, тој покажа дека знае да биде дури и недостоинствено конструктивен со ВМРО-ДПМНЕ и непристојно неконструктивен со СДСМ. Оттаму и впечатокот дека социјалдемократите полесно ќе договорат што било со новата раководна структура на ВМРО-ДПМНЕ отколку со Иванов.
Што се однесува до предлогот за Богов, кој шефот на државата го исфрли по принципот „земи или остави“, лошата вест е што Иванов пропушти уште една шанса да се наметне како фактор на соработка и приближување на ставовите на политичките чинители во земјава. Добрата вест, пак, е дека ова се неговите последни маневари во насока на опструирање и забавување на процесите на политичката сцена, со оглед на тоа што вториот и последен мандат на Иванов на Водно завршува за една година.