„Аквамен“ ќе „исплива“ побрзо во Скопје


Премиерата на долгоочекуваниот филм „Аквамен“, на чии визуелни ефекти работеше и македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х, вечерва ќе се случи во „Синеплекс“.
„Аквамен“ е американски филм за суперхерој на универзумот на „ДЦ Комикс“, во режија на Џејмс Ван.
Носителот на главната улога Џејсон Момоа, кој првпат го видовме во „Justice League“. Остатокот од импресивниот актерски тим го сочинуваат Амбер Херд, Вилијам Дефо, Патрик Вилсон, Долф Ландгрин, Никол Кидман. Се раскажува приказната за Артур, наследникот на подводното кралство Атлантис, кој мора да ја прифати својата улога и да го поведе својот народ против својот полубрат Орм, кој се обидува да ги обедини седумте подводни кралства против светот надвор од водата.
Според Кристијан Даниловски, косопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект работеле вкупно 70 артисти во периодот од мај до октомври оваа година и се изработиле околу 200 кадри.
„Филмот е исто така еден од кандидатите за номинација за ‘Оскар’ за визуелни ефекти и кој се избори да биде на листата со уште 19 други, од кои Академијата за филмски науки и уметности до крајот на декември ќе избере 10. Номинациите ќе бидат соопштени на 22 јануари 2019 година. За визуелните ефекти и дали филмот вистински ќе добие номинација за ‘Оскар’, оставам да погледнете и да оцените сами“, вели Даниловски.