Азески – Рукичи: Што побрзо автопатски да се поврзат Македонија и Косово


Патот од косовската страна е во финална фаза и се очекува да биде завршен до јуни 2019 година. Тоа треба да претставува поттик за посериозен пристап и почнување на градежните работи и од македонска страна порано од планираното, рече претседателот на Стопанската комората на Косово, Берат Рукичи на денешната работна средба со својот македонски колега, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Од македонска страна, патниот правец е со вкупна должина од 13 километри, чија проценета вредност изнесува 63 милиони евра и претставува дел од главната рута од Скопје до Приштина. Според планираното, изградбата на автопатот Скопје – Блаце треба да почне во втората половина на 2019 година и да заврши до крајот на 2022 година.

Азески и Рукичи на средбата разговараа и за перспективите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, но и за зајакнување на меѓукоморската соработка која, како што рекоа, е на исклучително високо ниво во изминатите години. Стана збор и за тековните проектни активности во рамките на Коморскиот инвестициски форум во насока на обезбедување предуслови за забрзан економски раст за државите од регионот на Западен Балкан, преку нивна зајакната соработка.

Потребно е, оценија претседателите на коморите, сите земји од Западен Балкан да се стремат кон креирање позитивна бизнис клима, преку континуирана работа на заеднички проекти за подобрување на инфраструктурната поврзаност, индустријализацијата и зголемување и поттикнување на извозните капацитети и активности, дигитализацијата и дуалното образование.

Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Косово за 2018 година изнесува 300,6 милиони долари и во однос на 2017 година бележи раст од 14,4 отсто. Извозот изнесува 265,8 милиони долари, кој бележи зголемување од 17,8 отсто, додека увозот изнесува 34,75 милиони долари, кој бележи намалување од 6,8 отсто во споредба со 2017 година. При тоа, во трговската размена остварен е суфицит на македонска страна од 231,1 милион долари кој бележи зголемување од 22,73 отсто во споредба со суфицитот реализиран во 2017 година. За 2018 година, Република Косово е 16-ти надворешно-трговски партнер на Р. Северна Македонија.