Администрацијата ги крие информациите што треба да се јавни


Институциите ги кријат информациите што се од јавен карактер, па поради нивниот молк ќе се менува Законот за пристап до информации од јавен карактер. Само лани, до надлежната Комисијата биле доставени 758 жалби од граѓани што е зголемување во споредба со претходната година кога имало поднесено 619 жалби. Во 2016 година, според информациите на Комисијата, до институциите и општините биле поднесени околу 7.000 барања за информации од слободен карактер, но најголем број од нив не биле одговорени. Измените и дополнувањата на законот се веќе најавени, а се очекува формирање на работна група која ќе работи на нив. Во процесот покрај Комисијата и Министерството за правда се вклучени и претставници од НВО кои доставиле предлози за измени и дополнувања на законот.

„Комисијата има доставено околу десетина предлози за измена на законот при што потенцираме две суштински точки, а тоа се начини за надминување на проблемот со молкот на администрацијата. Молкот на администрацијата е проблем што постои долг временски период и тој се зголемува. Предложивме воведување санкција за раководителот или одговорното лице во институцијата бидејќи сметаме дека тоа дали одредена информација ќе се даде во законскиот рок зависи пред сѐ од одговорното лице на институцијата, така што  бараме кумулативна одговорност за двата субјекти“, рече претседателот на Комисијата, Ѓорѓи Сламков. Вториот фокус е кога има неизвршување на решенија на Комисијата, што не е толку застапено, но е присутно и има силно влијание.

„Предлагаме во законот да се внесе обврска за извршување на решенијата, а тоа да биде проследено во прекршочниот дел со санкција за раководното лице за неизвршување на решението на Комисијата во  рок од 15 дена“, вели Сламков, кој најави дека имаат предлози и за воведување на инспекциски надзор.

Здружението на новинари на Македонија, кое потпиша Меморандум за соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ќе поддржи дел од овие предлози на Комисијата за измена на Законот.

„ЗНМ ги доби забелешките и сериозно размислуваме најголем дел од нив да ги поддржиме и застанеме зад нив затоа што се сериозно аргументирани и кои сметаме дека ќе го подобрат Законот“, рече првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани. Со Меморандумот за соработка помеѓу Комисијата и ЗНМ се предвидени, генерално, активности за покревање на јавната свест кај граѓаните за правото на пристап до информации од јавен карактер. (Н.В.)