Адеми: Учебници за учениците ќе има


Министерот за образование и наука Арбер Адеми тврди дека за сите ученици ќе има учебници за учебната 2018/2019 година. За сè што работеле периодов, а ги опфаќа и дополнувањата и исправки во учебниците, рече дека Министерството има пријатни изненадувања, но повеќе ќе обелоденел на прес-конференција, иако  почетокот на учебната година е само за десетина дена. Учебниците што ги печати Министерството со претходно направен откуп од авторите или издавачките куќи се уште не се готови. За нив Министерството ќе распише тендер, за да се избере издавачка куќа што ќе ги печати. Открива дека постапката ќе биде спроведена во наредните три, четири дена, но останува дилема дали ќе бидат дистрибуирани до учениците во септември.
„Независен весник“ веќе објави дека заврши промената на содржината на учебниците во кои беа констатирани забелешки од стручен, методолошки и технички аспект,  според укажувањата на наставниците. Промените ги направи комисијата во која членуваат стручни лица.Станува збор за 22 учебници што се користат во основното образование и два учебника од средното образование. Токму овие учебници со променети содржини треба да бидат дистрибуирани до училиштата.
На прашањето дали е точна информацијата дека Министерството им должи на печатниците и на издавачите за минатата година за учебници, рече дека се во редовна комуникација со издавачките куќи и дека партнерскиот однос вродил со плод во правец на подобрување на содржините на учебниците.
Адеми објасни исто така што се презема во врска со долговите што ги имаат образовните установи во повеќето општини во земјава, меѓу кои е и Општина Битола чии долгови изнесуваат 4,6 милиони евра кон надворешни доверители за различни извршени услуги. Осум основни училишта и две средни се со блокирани сметки, немаат платено  за електрична енергија од април 2017 година, со што долгот кон ЕВН изнесува 6,5 милиони денари. Од Општината пред три дена подвлекоа дека се фокусирани на надминување на долговите. Министерот Адеми рече дека уште пред еден месец имал средба со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, дека иницирале состанок во рамки на Заедницата на единиците на локалната самоуправа за сите општини кои имаат проблеми и долгови во областа на образованието  и дека била формирана и работна група во рамки на Владата со цел да се преземат активности за да ги намират долговите.
„Формирана еи работна група во рамки на Владата каде што и јас сум член, Преземаме активности долговите да бидат намирени, но сè уште немаме конечен резултат од тие активности. Кога ќе имаме одлука, ќе бидете известени. Тоа што е најважно сега во овој момент е да се потенцира дека ние сме во редовна комуникација со ЗЕЛС и со градоначалниците кои имаат долгови во образованието. Ние ќе ги преземеме сите обврски што ни припаѓаат како ресорно министерство“, додаде министерот.
Околу  студентскиот дом „Гоце Делчев“ Адеми тврди дека набавката на мебелот со кој треба да се опремат повеќе од 300 соби е во тек. Нов мебел ќе добијат и ученичките домови.
За приватната прослава, како што беше верскиот обред кој се одржа во училиште во Општина Гази Баба, рече дека Министерството не дало одобрение да се прави сунет во училиштето, а за случајот информацијата ја добиле од медиумите.
„Образовните установи не можат да служат за приватни забави. Се знае за што служат училиштата. Ние стапивме во контакт со Општината. Ќе ги преземеме сите мерки што се во наша надлежност. Откако ќе се утврди реалната состојба дали имало согласност и дозвола, каков било акт од некого, ќе ве известиме како ќе постапиме. Јас како министер немам јасна информација дали имало некаков акт со кој се дозволува во дворот на некое училиште да се реализира некаква забава“, подвлече Адеми.
 
                          ФЕИТ сам ќе произведува струја за наставата
Инаку, вчера на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје беа пуштени две фотоволтаични централи со вкупна моќ од 22 КВ. Едната е  донација од ОКТА, а другата  од  ИПA  фондот,  како и со сопствени сретства на факултетот. Струјата произведена од централите ќе се користи за потребите на ФЕИТ, што на факултетот ќе му донесе заштеда до три и пол илјади евра.
„Со оваа иницијатива, продолжуваме со нашите заложби за заштита на животната средина и намалување на загадувањето“, рече деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски.
„Ветуваме дека оваа донација ќе понуди алатка за развој на практични вештини кај студентите на ФЕИТ, исто така ќе ги поддржиме со стипендии“, изјави главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Геруланос.Адеми додаде дека овој проект на факултетот треба да биде поттик за другите образовни установи да ги користат потенцијалите на обновливите извори на енергија.
„Вложувањата во развојот на науката, секогаш на крајот се исплатливи, а тоа се огледува преку придобивките од користењето на научните резултати, односно достигнувања. Независно дали се работи за некој нов технолошки изум, метод на работа, некоја нова техника“, подвлече меѓу другото министерот.
Вероника Мароска-Леова