Адеми: До март нивелација на платите во културата по дејности


Mинистерството за култура до март 2019 година ќе спроведе нивелација на платите во културата по дејности. Нивелацијата во институциите од областа на културата се спроведува од причини што веќе подолг период е присутен проблемот на неправилности и нелогичности во висината на бруто коефициентите за пресметка на платата, односно за исто работно место во две институции има различен бруто коефициент за пресметка на плата, истакна денеска министерот за култура Асаф Адеми.

Според него, ваквата состојба со платите во институциите во културата произлегува од непринципиелно доделување бруто коефициенти за пресметка на плата, при што не се применувал постоечкиот Колективен договор.

– Исто така во одредени дејности од областа на културата имало покачување на платата за 40 отсто додека во заштитата и библиотекарството воопшто не е спроведено. Нивелацијата е во согласност и со иницијативата на Синдикатот на културата на Република Македонија, а средствата за нивелација на платите да бидат изгласани и вметнати во буџетот за 2019 година, додаде Адеми на прес-конфереција на која даде пресек на реализираните проекти и активности годинава, а ги најави и приоритетите за 2019 година.