Адеми ги одби милионите на Билиќ


Македонскиот фудбалски репрезентативец, Аријан Адеми ја одби понудата на богатите шеици да премине во Ал Итихад во Саудиска Арабија. Клубот што го води Славен Билиќ, беше подготвен да плати пет милиони евра за во своите редови да го донесе капитенот на Динамо Загреб, но 28-годишниот фудбалер без размислување рече „не“.

Неговите пријатели за хрватските медиуми тврдат дека Адеми смета дека не е на залезот од кариерата за да мора да размислува на богат трансфер, напротив, добрите игри есенва ќе му ја зголемат цената. Тој со својот Динамо ќе игра во 1/16-финалето од Лига Европа против Викторија Плзен. Минатото лето имаше понуда од Франција да премине во Лил за 6.5 милиони евра, но загрепчани не се сложија да го продадат својот капитен.

Сега, во знак на благодарност за годините минати во „модриот“ дрес, Динамо му остави простор на Адеми самиот да одлучи каде ќе ја продолжи кариерата, односно дали сака да замине во странство без да бараат голема отштета.