Агенцијата за поддршка на земјоделството ќе има заменик-директор


На денешното продолжение на 58. пленарна седница, освен образованието и бесплатниот превоз на ученици, дебата предизвикаа и измените на Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, по скратена постапка, поднесен од Реџаиљ Исмаили и Татјана Прентовиќ, со кој се предвидува воведување заменик директор на Агенцијата.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека воведувањето заменик-директорско место во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е за „мир“ во коалицијата на СДСМ и ДУИ. Ова ново работно место, според Стевананџија, граѓаните ќе ги чинат 75.000 денари месечно.

Пратеникот од опозицската партија побара од своите колеги кои ќе се вклучат во кампањата за референдумот да ги дадат, како што кажа, тие 10.000 евра да се дадат на социјални групи на кои им се потребни, за образование, за штетите на земјоделците, за операции на деца во странство…

Разочарување од законот, со кој се предвидува само заменик директор на Агенцијата, искажа и Панчо Минов, кој смета дека треба да се децентрализира системот за поднесување барања за подршка на земејоделците. Според него Владата треба да сфати дека во  Македонија треба да се децентрализира работата на платежната агенција.

– Што се чека да се направи таква измена на законот…Наместо платежната агенција да им се доближи на земјоделците, ние одиме само на заменик директор. Ова доближување на земјоделците ќе значи заштита на нивниот пазар. Се прејудицира и националната припадност на заменик директорот. Со кое право? Законот не е донесен, а се претпоставува дека заменик директорот ќе биде од ДУИ. Заменик директорот треба да биде од Кавадарци или од земјоделските краеви, смета Минов.

Павле Богоевски од владејачката коалиција, му реплицираше на Стевананџија дека пратениците нема да земаат пари од кампањата туку дека Собранието ќе определи средства за медиумска кампања по пратеник. Според Богоевски, неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ излажал и за уредувањето на дворовите на државните објекти, наведувајќи сума без да каже дека станува збор за над дваесет објекти а уредувањето ќе биде повеќегодишно.

Бранејќи го предлогот за заменик-директор во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Реџаиљ Исмаили рече дека годишно има 170.000 барања од земјоделците и дека е потребен уште еден директор.

Татјана Прентовиќ, која е вториот предлагач на измените, кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ја користела Агенцијата за контролирање на земјоделските гласови, и оти местото заменик-директор им било барано и ним, но тие не го давале за да може сами да вршат контрола. Прентовиќ кажа дека оваа година треба да бидат поделени повеќе средства на земјоделците.

Претходно, беше донесено дополнувањето на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка, чии предлагачи се пратеници од владејачкото мнозинство.

Во рамки на 58. седница беа донесени и повеќе други закони, а продолжението на средницата ќе биде допоплнително закажано.

Собранието ја продолжи работата по заостанатите точки од 32. седница.