Агаси: Сакам да му помогнам на Ѓоковиќ, не ми требаат пари


Андре Агаси, кој од ланскиот Ролан Гарос е дел од тимот на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, вели дека работи без никаков финансиски надоместок и нагласува дека единствено што сака е да му помогне.

Тој досега неколку пати повтори дека на тимот му се приклучил на сопствен трошок.

– Одбивам да земам било што од Новак, вклучително и пари за трошоци – тоа не ме интересира. Сакам само да му помогнам и тоа ме радува, вели Агаси.

Легендарниот американски тенисер во изјавата се присети и на првиот тренинг со Ѓоковиќ.

– Внимателно го набљудував како игра на земјена подлога и просторот што го покрива е исклучителен, наведува Агаси.

Тој вели дека како тренер на Ѓоковиќ се чувствува многу подобро, бидејќи во периодот кога активно играл го мразел тенисот.

– Сега се чувствувам многу подобро отколку во периодот кога во својата книга напишав дека го мразам овој спорт. Конечно, повторно се пронајдов во ова, потенцира Агаси.

Најдобриот српски тенисер по операцијата на лактот на раката најверојатно уште неколку месеци нема да може да се натпреварува, што пак му донесе драстичен пад на АТП листата.