Автопатот Демир Капија-Смоквица денеска се пушта во употреба


По шест години изградба, од денес ќе се вози по новата делница Демир Капија –Смоквица, со што се заокружува Коридорот 10 во Македонија. Владата најави дека на свечената церемонија на пуштање во употреба ќе учествува премиерот Зоран Заев, претставници на Директоратот за проширување на Европската Унија, највисоки претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија, членови на македонската Влада како и претставници на локалните самоуправи низ кои поминува автопатот „Пријателство“.

На настанот се очекува и министерот за инфраструктура и транспорт на Република Грција Христос Спирцис, како и претставници на компаниите изведувачи на работите на делницата.

Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица чинат 270 милиони евра. Автопатската делница се протега од излезот на Демир Капија, преку селото Миравци, до Смоквица, каде што се поврзува со постојниот автопат. Новиот автопат има две клучки кај Миравци и Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина од 100 до 500 метри, шест потпатници и два натпатника. Ширината на сообраќајницата е 25,6 метри, со две ленти за возење, една за застанување и средишен зелен појас широк три метри.

Владата во октомври лани со анекс на договорот за изградба, го продлжи рокот за завршување на автопатот до февруари годинава, откако беше утврдено дека не е изграден контролен центар и не е дислоциран далекувод на автопатот.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) минатиот месец објави дека отвора истрага под име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Предметот, според СЈО, се однесува за фаворизирање на грчката компанија „Актор“ за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, иако подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“. Покрај тоа, во „Актор“ има сомненија и за перење пари. (А.С.)