Автопатите за Приштина и за Тирана се уште се на стенд бај


Ниту следната година нема да започне изградбата на автопатите кон Косово и до Албанија. Иако беа најавувани како еден од стратегиските проекти на новата влада, во буџетот на Министерството за транспорт и врски следната година нема обезбедено средства за автопатско поврзување со Приштина и со Тирана.

Автопатот од Приштина до македонската граница е речиси изграден и се очекува да биде пуштен во употреба до средината на следната година, а Албанија в година ќе почне да го гради автопатот „Арбери“ од Тирана до Дебар. Албанскиот премиер Еди Рама при последната посета во Скопје побара од македонските власти да обезбедат средства за оваа делница која е од големо значење за двете држави.

– На почетокот на 2019 година се очекува да започне изградбата на автопатот Скопје-Блаце. За овој проект правиме репроектирање за да се избегнат проблемите што се појавија при изградбата на тековните автопатишта. Со програмата што ја прави Јавното претпријатие за државни патишта ќе се утврди периодот за изградба на патот Дебар-Тирана, а тоа ќе биде и една од темите на најавната заедничка седница на владите на Македонија и Албанија, информираше Сугарески на прес-конференцијата на која го претстави буџетот за следната година.

Министерот Горан Сугаревски информираше дека за капитални инвестиции Министерството за транспорт следната година има предвидено 83,7 милиони евра, во најголем дел за довршување на веќе започнатите инфраструктурни проекти но и за поголеми инвестиции во гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура.

Сугарески информираше дека во март следната година конечно ќе биде пуштен во употреба автопатот од Демир Капија до Смоквица, а до септември ќе биде завршена изградбата на автопатот од Миладиновци до Штип.

– Дополнително се направи анекс на договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид за што преговорите се во завршна фаза. Паралелно, ќе продолжи изградбата на почнатите експресни патишта, а ќе стартуваат активностите за новите, во зависност од завршувањето на документацијата и тендерите, како што се делниците Градско-Дреново, Ранковце-Крива Паланка, Штип-Радовиш и Штип – Кочани. Во текот на 2018 година ќе почне и реконструкција на 26 патишта низ државата, информираше Сугаревски.

За процесот на гасификацијата следната година се предвидени 36,5 милиони евра, што е за пет милиони евра повеќе споредено со годинава, а најголем дел од парите ќе бидат наменети за експропријацијата на земјиштето, која е најголем проблем. За изградба на нови пруги на коридорите 8 и 10 се планирани 22,3 милиони евра, или зголемување за 13,2 милиони евра.

За водоводи и канализации во општините преку заем од ЕИБ се обезбедени 11,3 милиони евра, 5,3 милиони евра за социјални станови, а со 6,7 милиони евра се планира покривање на загубите во патничкиот сообраќај на „МЖ Транспорт“. Со 1,6 милион евра ќе се поддржува воведувањето нови дестинации во авиосообраќајот, за каде што се најавува нов повик за избор на нискобуџетна авиокомпанија, со оглед дека в година истекува договорот со актуелниот авиопревозник „Визер“.

Меѓу проектите што ќе почнат да се реализираат следната година е изградба на жичница од Институтот за белодробни заболувања „Козле“ до Средно Водно, за што се предвидени околу 800 илјади евра, 1,1 милион евра за населбата Сончев Град и 325 илјади евра за инфраструктурата во зоната Визбегово. За довршување на управната зграда на Министерството в година се наменети околу 500 илјади евра.

Александра Спасевска