Автомобилите ќе имаат еко-налепници


Сите автомобили ќе имаат посебни еколошки налепници. Тие ќе бидат во различна боја и ќе покажуваат кој автомобил колку загадува. На овој начин полесно ќе се селектираат сите оние што ќе треба да бидат исклучени од сообраќајот при енормно загадување на воздухот. Ова го предвидуваат измените на Законот за возила на кои во моментов работи Министерството за економија.

Во истиот закон ќе бидат предвидени посебни таблички за такси-возилата, како резултат на барањето на асоцијацијата на легални превозници, а со цел да се спречи нелојалната конкуренција.

Министерството за економија заклучно до крајот на февруари има рок да ги подготви и усогласи овие измени за потоа законот да биде доставен до Владата и пред пратениците.

Од Министерството за економија за „Независен весник“ велат дека Асоцијацијата на легални такси-превозници од нив побарала да се воведат жолти регистарски таблички за лиценцираните автотакси-возила на целта територија на Македонија.

– Ова барање е од причина што се појавува незаконско работење од страна на автотакси-превозници и има за цел редовно да се плаќаат давачките кон државата, како и придонесите за вработените такси-превозници или носители на такси-превозот за да се разликуваат од лажно одбележаните таксисти – велат од Министерството.

Овие законски измени, сепак, како што велат од Министерството за економија, се прифатени и од Министерството за внатрешни работи, кое е надлежно да ги спроведува. Сепак, колку ќе ги чини тоа граѓаните, од Министерството за економија велат дека тоа ќе биде утврдено со правилник од страна на МВР.

– Цената на чинење, начинот и постапката за издавање на жолтите регистарски таблички и еколошките лепенки се во надлежност на Министерството за внатрешни работи и сето тоа ќе биде регулирано со подзаконски акти на Законот за возила откако ќе стапат во сила законските измени – велат од Министерството за економија.

Градоначалникот Петре Шилегов, пак, минатата година, кога ја истакна потребата од еконалепниците, посочи дека тоа дополнително нема да ги оптовари граѓаните, со образложение дека тие и без тоа секоја година мора да направат технички преглед на возилото.

Шилегов тогаш истакна дека очекува во текот на годинава да бидат направени потребните законски измени, а до крајот на 2018 година сите автомобили да бидат обележани со еконалепници.

Александра Спасевска