Австриски доктор донира бионичка рака за пациент од Македонија
Доктор од Австрија донира бионичка рака за пациент од Македонија, на кого раката му е ампутирана над надлактицата. Професор д-р Оскар Асман ја овозможи донацијата за време на вториот меѓународен симпозиум IASPT, во организација на Медицинскиот универзитет во Виена, соопштија од Министерството за здравство.
– Остеоинтегративната бионичка протеза, која првпат се вградува кај пациент од Македонија, претставува најсовремено достигнување во медицината и биоинженерингот. Работи на принципот на спроведување на импулсите од нервите до протезата. Протезата ќе му овозможи на пациентот да ги извршува активностите што досега биле невозможни за него – соопштија од Министерството за здравство.
Станува збор за монтирана протеза на раката, чии нерви се целосно функционални. Протезата чини околу 160 илјади евра.
Донацијата е овозможена од д-р Азман, Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија и од Медицинскиот универзитет во Виена.
– Соработката помеѓу УК за пластична и реконструктивна хирургија и проф. д-р Асман е долгогодишна и продолжува понатаму во едукација на кадри и лекување пациенти на кои им се потребни сложени реконструктивни хируршки процедури – велат од Министерството.
Оваа рака долго време ја чека Христијан Стојанов, млад кавадарчанец, кој пред четири години останал без двете раце. Несреќата се случила на 5 јуни 2014 година во кавадаречка фабрика, каде што Христијан тогаш работел. За емисијата „Код“, тој раскажуваше дека надежта е во Виена, но дека четири години не може да ја добие оваа протеза зашто никој не сака да ја плати.
Донацијата е најавена, но засега Христијан уште не располага со раката.
С.С.З.