АБА лига: МЗТ Скопје не бега од фенерот, но дали и од втора лига?
Ако помисливте дека МЗТ Скопје Аеродром не може подолу од 13., претпоследно, место во АБА лигата се излажавте. Актуелниот македонски кошаркарски првак ја игра најслабата сезона во регионалното натпреварување. На четири кола до крајот на регуларниот дел е убедливо последен на табелата со само три победи и 15 порази и без оптимизам за препуштање на фенерот што ќе значи и опстанок за аеродромци. Веќе викендот ќе бидат домаќини на Петрол Олимпија во дербито на дното (словенечкиот претставник е претпоследен), а во СЦ „Јане Сандански“ ќе допатува и Цедевита. Во меѓувреме, составот на Жељко Лукаиќ двапати ќе гостува во Црна Гора, најпрво во Подгорица кај Будуќност и во завршното коло во Бар против Морнар.
Што вели АБА „уставот“?
Пропозициите на АБА ј.т.д. лигата се јасни и може да се прочитаат на официјалната интернет страница. Првото на настапи во најквалитетното кошаркарско друштво на Јадранот (од оваа сезона тргна и втора лига) се опишани во неколку потточки во рамки на членот девет од кои третата го тангира случајот со МЗТ Скопје.
„Право на учество во првата АБА лига во сезоната 2018/19 ќе имаат клубови што учествуваат во првата АБА лига во сезоната 2017/18 почитувајќи ја поделбата на местата меѓу државите“, гласи ставот три за истиот да има две дообјаснувања.
Првото (став пет) е дека „првакот во втората АБА лига се стекнува со право за учество во првата АБА лига во сезоната 2018/19 доколку исполнува минимум услови и критериуми според пропозициите“.
Второто (став седум) нагласува дека „со цел на заштита на квалитетот на натпреварување, клубот што во сезоната 2017/18 ќе заврши на последното место нема да може да игра во првата АБА лига во сезоната 2018/19 и ќе се стекне со право на настап во втората АБА лига во сезоната 2018/19 врз основа на пласманот во националното првенство“.
Но, третиот став во членот, се чини, ги коси овие два, па упатува дека „во случај на договор меѓу националните сојузи, а најдоцна до крај на првиот дел од натпреварувачката сезона (15 декември 2017 година), правото на играње во првата АБА лига во сезоната 2018/19 ќе биде дефинирано со посебна одлука на Собранието. Во спротивно, правото на играње во Лигата во сезоната 2018/19 ќе биде дефинирано согласно став три“. Тоа значи дека клубовите што оваа сезона се дел од регионалниот проект ќе биде и во наредната.
На крајот на краиштата, во пропозициите не е никаде наведено дека основачите, меѓу кои е МЗТ Скопје, имаат загарантирано учество во АБА лигата.
Факторот основач или проширување на лигата како спас за аеродромци
Ова последното, можеби, носи мир во куќа кај македонскиот кошаркарски шампион кој смени неколку тренери и голем дел од ростерот пред почетокот на сезоната, но резултатите изостана. Факторот основач како привилегија би можела да биде сламка за спас на тимот од СЦ „Јане Сандански“ за што, се разбира, треба да се произнесат и клубовите и Собранието согласно пропозициите. Или, пак, втората опција што би била во прилог на аеродромци би можела да биде во одлука за проширување на првата лига за што, повторно, конечниот збор ќе биде кај делегатите на највисокото тело.
Гапиќ: Работнички пропушти една шанса, нова би сакале да искористиме
Свои „пет минути“ за приклучување во АБА кошаркарско лига чека и Работнички. Засега нема ништо конкретно за евентуален излез на клубот на Јадранот, но не значи дека така ќе биде и во иднина. За дополнително место за Македонија во проектот треба одлука на Собранието или, пак, губење на потенцијалната привилегија на МЗТ Скопје како основач со истапување од друштвото и заземање на местото од друг субјект.
„До нас досега нема стигнато ништо конкретно како понуда што би била разгледувана на Управниот одбор. Морам да кажам дека желба кај нас секогаш постоела и постои. Една прилика пропуштивме за што не можам да коментирам од кои причини бидејќи во тој период не бев во клубот, но ако се укаже нова би сакале да ја искористиме“, ни изјави Ристо Гапиќ, претседател на КК Работнички.
Интенција на тимот од Градски парк, секако, е излез на меѓународната сцена. Работнички во оваа сезона учествуваше во квалификациите за ФИБА Европа купот пришто настапот го заврши уште во првото коло со елиминација од руска Парма Баскет (73:95 и 63:88). (С.Ѓ.Д.)