Џипси-панкерите „Гогол Бордело“ доаѓаат во Скопје


Во чест на јубилејното издание на фестивалот Таксират, кој прославува 20 години постоење во 2018 година, организиран низа концертни настани кои ќе се одржат во текот на годината. Покрај настапите на „Крафтверк“ и „Лорд оф д денс“, доаѓаат и популарниот џипси-панк „Гогол Бордело“.

Концертот ќе се одржи на 29 мај во Младинскиот културен центар во Скопје и е во рамките на „Seekers And Finders“ турнејата за истоимениот нов албум.

Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, Гогол Бордело (Gogol Bordello) ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората. Предводникот на бендот, украинецот Јуџин Хуц (Eugene Hütz), бегајќи од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови и богатството на ромската музика која не ѝ припаѓа на „мејнстримот“, но со која е поврзан и од семејните корени. Живеејќи како бегалец во Европа, и самиот го искусил животот во кој не припаѓа никаде, сѐ додека музичкиот пат не го одведе во Њујорк каде што го формира бендот.

Во 1999-та година го објавуваат првиот албум „Voi-La Intruder“ кој го претставува ворлд-мјузик звукот отсвирен во полна панк брзина, а на кој како соработник и продуцент се потпишува и Џим Скалвунос (Jim Scalvunos) тапанарот на Nick Cave & The Bad Seeds. Комплетниот бенд со гитари, тапани, хармоника и саксофон на ова издание звучи моќно, а за дополнителна популарност придонесе и самиот Хуц пуштајќи џипси музика во ноќните клубови. Подоцна нивната уникатност и креативност ја освојува и популарната музичка ѕвезда Мадона, која соработува со Гогол Бордело на нејзиното режисерско деби, филмот „Filth and Wisdom“ во кој, покрај музиката, Јуџин Хуц е задолжен и за главната улога.

Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на Јуџин на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од славните имиња на светската сцена, членовите на Гогол Бордело со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен. Гогол Бордело е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба, а следната година нивната нескротлива сценска енергија конечно ќе имаме прилика да ја доживееме и во Скопје. Неповторливиот еклектичен бенд гостува во Скопје промовирајќи го својот нов албум „Seekers And Finders“ објавен во август годинава, а кој се појавува четири години по студискиот претходник „Pura Vida Conspiracy“ (2013).

Влезниците за овој концерт се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс и само во органичен број. Најповолната цена од 500 денари е ограничена само за првите 300 билети, а по нивното распродавање, вториот и третиот подеднаков контингент влезници ќе бидат достапни по цена од 600 и 700 денари.