Џенова на Пандев нема да игра против Милан

По огромната трагедија во Џенова, поврзана со уривањето на мостот „Понте Моранди“, Италијанската фудбалска федерација одлучи да ги одложи средбите меѓу Сампдорија – Фиорентина и Милан – Џенова, закажани за в недела. Двата клуба од Џенова се обратија кон одговорните органи на италијанскиот фудбал, за да побараат одложување на двете средби во знак на сочувство со блиските на загинатите од фаталниот 14 август.
Претседателот на Сампдорија, Масимо Фереро сподели: „Слични трагедии нема да се повторат, ако сите бидеме обединети. Стани, Џенова“, беа зборовите на претседателот на „морнарите“.
Италијанската фудбалска федерација е во постојан контакт со префектурата, владата на окрузите и општината. Првично институциите не наоѓаа објективни причини за одложувањето на натпреварите, дури сметаа дека одржувањето на средбите ќе има позитивен ефект и ќе се знак за продолжување напред и покрај трагичните настани. На крајот, емоцијата преовлада, а двата натпревари ќе бидат презакажани на погоден датум за клубовите.