Џез музика на плоштадот во Ресен

Многу публика, забава и ликовни креации донесоа трите Џез-денови што од 14 август до синоќа се одржуваа на ресенскиот плоштад, во организација на Домот на културата „Драги Тозија“.

Публиката, пред се младите, уживаа во настапите на Skopje jazzinc, Александар Петров и Transmision project, Sethstat + Мирко Попов.

Ова е прекрасна забава за нас младите. Има добра музика и собрани на едно место можеме и да се дружиме. Три вечери со џез музика во живо беше одлична можност топлите ноќи да ги поминеме на плоштадот во Ресен, да дојдат од сите краишта на Преспа, а беа присутни и многу доселеници, велат присутните на џез-вечерите.

За директорот на Домот на културата „Драги Тозија“ Васко Василевски, бројната публика на Џез-вечерите е мотив повеќе постојано да се организираат настани и манифестации, во интерес на локалното население.

– На младите им треба забава, особено во летниот период кога студентите се дома, а има и гости од странство. Нашата заложба, како културна институција, не е само да организираме некој културен настан, туку и да ја подигнеме креативноста кај младите. Тоа и се случи на овие Џез-вечери, затоа што младите ја покажаа и својата креативност, творејќи на платно, посочи Василевски.

Во Ресен продолжуваат културните настани во организација на Домот на културата „Драги Тозија“. Вечерва ќе се одржи промоција на светски познатата поезија на Руми „Два света” во Домот на културата. Промотори и интерпретатори на дел од песните ќе биде преведувачот Тихомир Јанчовски, во придружба на Добрила Грашевска, вокалист на Чалгија саунд систем, митрополитот Пимен и струмичкиот поет Митко Гогов. На промоцијата Добрила Грашевска ќе настапи со неколку изворни композиции од македонската музичка ризница.