Џафери: И покрај тоа што Македонија не е членка на НАТО, даваме голем придонес во мировните мисии

Мирот и стабилноста подразбираат соработка помеѓу државите на полето на безбедноста, вклучително и во рамките на НАТО. Република Македонија, уште од своето осамостојување, за своја стратешка цел го определи полноправното членство во НАТО и за тоа има висока поддршка од граѓаните, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на Конференцијата на претседатели на Парламенти од земјите на ЕУ во Талин, Естонија на сесијата посветена на Европската одбрана и безбедност.

Иако формално правно се уште Македонија не е членка на НАТО, Џафери потсети дека  преку припадниците на нашите безбедносни сили даваме придонес во мировните операции во рамките на нашите реални можности, понекогаш и над нив.

– Активно учествуваме во безбедноста на нашиот континент. Ќе ви кажам само еден најсвеж пример. На границата со соседна Грција, припадници на полициските сили на Словенија, на Словачка и Чешка, заедно со македонските полициски сили вршат контрола на овој дел од Балканската рута, рече претседателот на македонскиот Парламент.

Безбедносните предизвици, додаде тој, имаат негативно влијание врз опстојувањето на европските принципи и вредности, а предрасудите, стереотипите, интолеранцијата, говорот на омраза се се повеќе присутни.

– Затоа, како што се организираме и работиме на безбедносните предизвици, исто треба да посветиме внимание и на овие негативни појави, кои сега засега се ефемерни и сè уште поголемиот дел од јавноста не ги прифаќа, истакна Џафери.

Во своето обраќање тој оцени дека во последните години безбедносната состојба во Европа и околу неа претставува многу сериозен предизвик, како за ЕУ, така и за секоја држава, вклучително и државите аспиранти. Според Џафери, воените конфликти кои се релативно блиску до Европа, а посебно до регионот на Западен Балкан, претставуваат секојдневен предизвик, како за нашите безбедносни органи, така и за другите државни структури.

Во рамките на Конференцијата, Џафери размени мислења со претседателката на Народното собрание на Бугарија Цвета Карајанчева и со претседателот на Парламентот на Хрватска, Гордан Јандроковиќ.

Во фокусот на разговорите, како што соопштија собраниската прес-служба е иднината на ЕУ, при што претседателите на парламентите на земјите од Унијата се согласија дека проширувањето со земјите од Западен Балкан треба да остане важна јавна политика на ЕУ.