Џафери го известил судот дека нема услови за одземање на имунитетот на Вељаноски

Известување од парламентот стигнало денеска попладне во Кривичниот суд, според информации оттаму, во кое е посочено дека не биле создадени услови за одземање на имунитетот на поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски. Иако поминаа неколку седмици откако беше прекината и седницата за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски, судот исто така  денеска попладне бил известен дека нема одлука по барањето за определување притвор за пратеникот на СПМ.

Известувањата треба да му бидат предадени на судијата Седат Реџепагиќ, кој е судија на претходна постапка за овие две истраги на Обвинителството за организиран криминал. Судијата Реџепагиќ изјави вчера за „Независен весник“ дека постапките во парламентот во однос на имунитетот на  пратениците не го спречуваат текот на истрагите, кои продолжуваат, а осомничените се обврзани да се јавуваат на распит. Тој посочи и дека во Кривичниот законик и во Законот за кривична постапка не се предвидени механизми како може да се постапи во случаи кога парламентот нема да донесе одлука по барање на судот за одземање имунитет на пратеник.

Вељаноски е единствен од петтемина осомничени во новата истрага насочена кон организаторите на насилстватата на 27 април 2017 година за кој не се определени мерки за обезведување, благодарение на пратеничкиот имунитет. Затоа, пак, поранешниот министер за образование Спиро Ристовски е во притвор, додека ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески беше пуштен во домашен притвор, по инцидентот во затворот во Шутка. Според објаснувањето од судот, на другите двајца Никола Груевски и Никола Бошковски автоматски им следува притвор доколку се вратат во државата, со оглед на тоа што се моментно во бегство и веќе им е одреден притвор во други постапки. Сите петмина се осомничени за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ – дело за кое, според Кривичниот законик, е предвидена казна од најмалку 10 години затвор.

Димовски, исто така, е единствен кој остана да се брани од слобода за предметот со земјоделските субвенции во кој се осомничени уште двајца поранешни министри за земјоделство и еден бивш заменик-министер.