Џафери-Брнабиќ: Регионалната соработка и европаскиот пат се клуч за стабилност и просперитет на Западен Балкан

Регионалната соработка и европаскиот пат се клуч за стабилност и просперитет на Западен Балкан, констатираа српската премиерка Ана Брнабиќ и претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на денешната средба во Белград.

– Србија е определена за развој на пријателските односи, базирани на заедничката историја и традиционалните блиски врски на двата народа, изјавила Брнабиќ, информираат од нејзиниот кабинет, додавајќи дека со поцврсто поврзување преку регионалната економска соработка во рамките на „Берлинскиот процес” земјите во регионот побрзо ќе обезбедат услови за приклучување во ЕУ.

Таа истакнала и дека Србија се залага за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и за што побрз договор околу решавањето на билатералниот спор меѓу Скопје и Атина во врска со името на Македонија. Според соопштението, српската премиерка во разговорот со Џафери истакнала дека Бриселскиот дијалог, Србија го гледа како начин за изнаоѓање на компромисно решение меѓу Белград и Приштина.

Талат Џафери во изјава за медиумите посочи дека на средбата се покренати сите оние прашања кои се од добробит на билатералните односи меѓу двете држави.

– На став сме дека треба да се продолжи со комуникација на највисоко политичко ниво на сите институции, вклучувајќи го парламентот, владите и претседателите на државите кои треба да бидат гаранти на спроведувањето на актите кои ги договараат двете држави во полза на граѓаните, изјави Џафери.

Тој додаде дека ги „покренал и прашањата за потребите за овозможување и олеснување на преминот на граничните линии за граѓаните во пограничните зони, особено во Кумановско-прешевскиот дел, како и во Кривопаланечкиот и Босилеградскиот регион, за да не мораат граѓаните да патуваат кон сегашните гранични меѓународни премини“ и го изразил ставот дека двете влади ќе продолжат на заедничките владини средби да ги отвараат и заокружуваат овие прашања.

Во таа смисла, како што најави Џафери, утре за овие прашања ќе има средба со институциите во општина Прешево, бидејќи властите во Србија имаат расположение за изнаоѓање на соодветни решенија.

Претпладнево претседателот на собранието Џафери имаше средба со првиот собраниски спикер на Србија Маја Гојковиќ на која порачаа дека местото на Македонија и Србија е во ЕУ, како и дека двете земји се подготвени да ги исполнат своите обврски за да станат дел од европското семејство.

Македонија ја подржува Србија во нормализирањето на односите со Косово што води кон зачувување на регионалната стабилност, изјави Џафери по средбата со Гојковиќ.