Џафери брка ратификација или нова функција?

Додека СДСМ и ДУИ договараат заеднички настап на претстојните претседателски избори, претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери „крстари“ низ регионот, од каде што почнаа ратификациите на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Во период од само десетина дена, Џафери беше во Љубљана, Тирана и вчера во Софија, каде што Протоколот за нашата земја помина со едногласна поддршка од 140 присутни пратеници. На седницата не присуствуваа пратениците на опозициската Бугарска социјалистичка партија, кои веќе неколку дена го бојкотираат парламентот поради измени на изборниот законик.
– Уверен сум дека со Бугарија покрај нас имаме силна гаранција дека и ние како држава, но и целиот регион, ќе се движиме во вистинска насока, која носи мир, стабилност, напредок и благосостојба. Добро е да имаш искрени пријатели, но чувството е уште подобро кога се наши соседи – изјави Џафери во Софија, каде што оствари средби со својата колешка Цвета Карајанчева, како и со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева.
Борисов истакнал дека Бугарија е доследна во својата поддршка, како во 2017 година со потпишување на Договорот за добрососедство и за време на бугарското претседателство со ЕУ во 2018 година, така и со ратификацијата на Протоколот за НАТО. Се очекува до крајот на овој месец и парламентот на Романија да го ратификува Протоколот за прием. Но неизвесно е дали Џафери ќе патува и во Букурешт, со оглед на тоа што премиерот Зоран Заев веќе најави дека ќе присуствува на ратификацијата на протоколот во тамошниот парламент бидејќи Романија во моментов е претседавач со ЕУ.
Затоа, пак, Џафери наскоро ќе треба да ги спакува куферите за Црна Гора, со оглед на најавите што дојдоа од тамошниот државен врв дека последната нова членка на НАТО мошне брзо ќе одобри Македонија да стане 30. полноправна членка на Алијансата.
Протоколот треба да го ратификуваат уште 25 земји членки, меѓу кои и Велика Британија и Канада, каде што пристапувањето на нова држава во НАТО го одобрува владата. Од Собранието велат дека Џафери планира да присуствува на ратификацијата во сите парламенти каде што ќе добие покана. Честите патувања на спикерот во последните денови, како што велат од парламентот, не се одразуваат на работата на законодавниот дом, каде што вчера заседаваа повеќе комиси. Прва нова седница, пак, е закажана за во понеделник, со неколку закони со европско знаме. Следната среда, пак, ќе има седница за пратенички прашања.
Протоколот за членство на Македонија во НАТО беше потпишан на 6 овој месец во Брисел, за два дена подоцна Грција да биде првата земја што го ратификуваше, согласно договорот од Преспа. Истиот ден, Џафери ги распиша шестите претседателски избори, за кои тој се споменуваше како еден од најсериозните можни кандидати на ДУИ, во случај партијата да не се премислеше и не се вратеше на идејата за консензуален кандидат, за што моментно разговара со СДСМ. Сепак, и натаму не е исклучена варијантата, Џафери, барем неколку месеци, да биде на чело на државата – како в.д. претседател, во случај во вториот изборен круг да не се постигне цензусот од 40 проценти излезеност.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска го прогласи како најголем успех тоа што ратификациите на нашето членство во НАТО најпрво дојдоа од нашите соседи.
– Сега Бугарија ја ратификуваше спогодбата, претходно тоа го направи Албанија. Следната недела очекуваме тоа да го направи Романија. Практично сите земји во соседството беа први што рекоа дека не е ова важно за Северна Македонија, ова е важно за сите нас и ова е важно за регионот – рече Шекеринска.
Таа им се заблагодари на сите земји што ги забрзаа своите процеси за ратификација.
– И ние делиме амбициозна агенда, не заради тоа што сметаме дека тоа е најважна работа во светот, туку затоа што сметаме дека добрите примери мора добро да бидат ценети – рече Шекеринска.
Таа очекува и унгарската влада да ја почне ратификацијата и да ја заврши пред почетокот на европските избори. Според најавите, во Будимпешта требаше уште вчера да почнат процедурите, така што чинот на ратификација во тамошниот парламент веројатно ќе биде „интересно искуство“, со оглед на курцшлусот што настана меѓу двете земји по бегството и давањето азил на поранешниот премиер Никола Груевски.
Единствено, на седницата во парламентот во Атина за ратификацијата на нашето членство во НАТО немаше претставници на македонскиот државен врв. Затоа, пак, Џафери на последниот брифинг со новинари најави средба во догледно време со неговиот грчки колега Никос Вуцис, односно можна трилатерална средба на која би присуствувал и претседателот на албанскиот парламент Грамоз Ручи. Минатата седмица, Џафери веќе се виде со Ручи, кога беше во Тирана за да присуствува на седницата за ратификација на Протоколот. Таа посета не беше во пријатни околности, со оглед на тоа што се реализираше ден по тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 15 сограѓани на Џафери од Гостивар и околината. Освен тоа, собранискиот спикер беше сведок на инцидент во албанскиот парламент, кога опозициски пратеник истури боја врз премиерот Еди Рама. На крајот, Протоколот за Македонија, сепак, беше донесен со едногласна поддршка во парламентот на соседна Албанија. (А.М.М.)