Џафери: Ако за јазиците чекавме една година, ќе почекаме и да си оди Иванов

Собранието, веројатно, до крајот на оваа седмица ќе му ги испрати на претседателот Ѓорге Иванов законите што тој ги врати во парламентот, кога одлучи да не става потпис на нив поради употребата на новото име на државата. Ако Иванов ги остави во фиока законите и по нивното прегласување на собраниската седница што почнува утре, тогаш, според најавите од спикерот Талат Џафери, ќе се чека на потписот на новиот претседател, со оглед на тоа што актуелниот шеф на државата заминува од функцијата на 12 мај.
„Собранието ќе ја исполни својата обврска да одлучува повторно за законите во рок од 30 дена од денот на нивното враќање во парламентот. Ако Иванов и по вторпат не ги потпише, ќе почекаме да дојде новиот претседател и да ги потпише указите пред законите да бидат објавени во „Службен весник“. Ако за Законот за употреба на јазиците чекавме една година, може и за овие закони да почекаме да истече мандатот на Иванов“, изјави Џафери за „Независен весник“.
Тој вели дека очекува законите на кои Иванов стави вето да бидат повторно изгласани со по најмалку 61 глас и без расправа, со оглед на тоа што Иванов не навлегол во забелешки за текстот и за конкретни членови, туку настапува со општа формулација дека во свечената изјава ветил дека секогаш ќе ги штити интересите на Република Македонија.
На прашање што во случај ако на изборите не биде постигнат потребниот цензус од 40 проценти во вториот круг, односно не биде избран нов претседател, Џафери вели дека и затоа се предвидени соодветни процедури. Поточно, во таков случај Џафери би требало да стави по два потписа – и како претседател на Собранието и како в.д. претседател на државата. Во тој контекст, Џафери посочува дека Македонија веќе има искуство со такви ситуации, со оглед на тоа што, по атентатот на Киро Глигоров, Стојан Андов беше извесно време в.д. претседател на државата, како што беше случајот и со Љупчо Јордановски по авионската несреќа во која загина Борис Трајковски.
За утре се закажани две нови пленарни седници. На дневен ред на 93. седница има засега 21 нов закон, меѓу кои и неколку што се обележани со европско знаме, како и измените на законите за влада и за организација на органите на државната управа, со кои е предвидено укинување на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и формирање ново министерство за политички систем. Откако пратениците ќе ги донесат овие регулативи и тие треба да одат на потпис кај Иванов кој, пак, во рок од седум дена треба да ги потпише или да ги врати во парламентот. Ако ги врати, како што и се очекува, тогаш Џефери вели дека во текот на април веројатно ќе треба да закаже нова собраниска седница за да ги стави на прегласување и овие закони, со оглед на предвидениот рок од 30 дена за тоа. Иако тоа би значело заседавање на парламентот среде кампања, Џафери објаснува дека тоа не е проблем затоа што нема законски ограничувања дека законодавниот дом не смее да работи за време на избори, туку дека станува збор за востановена практика за говорницата да не се користи за политички маркетинг.
Законите што Иванов веќе ги врати кај пратениците се ставени на дневен ред на 94. пленарна седница која исто така почнува утре, но два часа подоцна.
Меѓу точките на дневен ред се ратификацијата на договор меѓу Македонија и Романија за соработка во областа на културата и образованието, измените во Законот за ОТА, дополнувањата во Законот за служба во АРМ, Законот за енергетика…
Иванов не потпиша и три реформски закони од областа на правосудството што беа донесени со двотретинско мнозинство и со учество на опозицијата. Но тие ќе бидат објавени во „Службен весник“ и без негов потпис, со оглед на тоа што Уставот не предвидува можност за претседателско вето за закони што се носат со двотретинско мнозинство. Истиот принцип би важел и за законот за јавно обвинителство, со кој се решава и статусот на СЈО, но кој не може да се стави во собраниска процедура затоа што нема договор меѓу владејачките партии и опозицијата, иако станува збор за регулатива од која сега зависи почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Џафери ни изјави вчера дека ако до утре има договор меѓу партиите и ако владата го пушти дотогаш во собраниска процедура законот за обвинителството, тогаш тој ќе биде ставен на дневен ред на една од новите седници што почнуваат во среда. Во спротивно, не е исклучено и за овој закон да се расправа откако ќе почне изборната кампања. (А.М.М.)