Ќе се прошири заштитната зона на Рашче

Рашче ќе добие нови граници на заштитената зона. Изворите на чиста вода за пиење, со кои се снабдува главниот град, во иднина ќе се обезбедуваат на поголемо подрачје од досегашното. Градот Скопје склучи договор со Градежниот институт „Македонија“ за изработка на експертиза за утврдување на границите на изворот и за воспоставување нови мерки на заштита. Документот, за кој градската власт ќе плати пет милиони денари, треба да се изработи за 15 месеци. Од него се очекуваат конкретни предлози за проширување на првата и втората заштитена зона на изворите, кои во најголемиот дел се хранат од подземните води во Полошкиот Регион.

Најголемите опасности за чистата вода што ја пијат скопјани доаѓаат од отпадните води и од депониите од населените места во околината, индустриските капацитети, земјоделските активности, копањето минерални суровини, како и работата на бензинските пумпи. Во 2002 година е донесен и просторен план на регионот на заштитните зони кој предвидува проширување на првата и на втората зона, заради зафаќање на водите на реката Пена, како и населбата Желино, која е надвор од заштитената зона, а доживува стопански подем, со што може да влијае на квалитетот на водите на Рашче.

Директорот на „Водовод и канализација“, Душко Весковски, вели дека заштитата на изворот на чиста вода е приоритет за Градот Скопје и јавното претпријатие, а потребата за преиспитување на границите на заштитната зона се појавила поради промените што се случиле во просторот во последните три децении.

„Експертизата треба да ни укаже во кои граници треба да се прошири заштитената зона на изворот Рашче, а целта ни е да ги спречиме сите надворешни фактори кои би можеле да влијаат на квалитетот на водата. Проектот ќе има и втора фаза, а тоа е заштита на коритото на Вардар, за да се спречи мешање на речните води со изворот, во услови кога надоаѓа реката. Ова е многу скап проект, но неопходен бидејќи со него засекогаш ќе се реши една голема опасност“, вели директорот Весковски.

Со новиот документ градските власти ќе добијат и информации за сите актуелни и планирани инфраструктурни активности на општините кои влегуваат во опфатот на заштитеното подрачје на изворот, како и сите опасности што можат да бидат закана за квалитетот на водата од изворот. Ќе мора да се направи катастар на сите загадувачи и нивна категоризација, ќе се мапираат зоните каде што се експлоатираат минерални суровини, како и новите сообраќајници, канализации и септички јами. Градот Скопје од Градежниот институт бара и анализа на резервите со вода на Рашче, како и податоци за квалитетот на водата.

Сања Наумовска