Ќе се одлучува ли пред полноќ за имунитетот на Вељаноски ?

Десетина минути пред полноќ, како што се најавува, пратениците ќе гласаат за барањето на Кривичниот суд за симнување на пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски, кој е еден од осомничените во новата истрага на Обвинителството за организиран криминал за организирање на настаните на 27 април. Поточно, судот бара, парламентот да одобри на Вељаноски да му се определи притвор.
Иако за дискусија се пријавени вкупно 29 пратеници, најавите се дека претседателот на парламентот Талат Џафери, пред полноќ, ќе ја прекине расправата и ќе ја стави на гласање единствената точка на дневниот ред. Со оглед на тоа што дневниот ред беше утврден со 63 гласа „за“, проценките се дека нема да биде проблем да се обезбедат минимум 61 глас за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, независно од исходот на синоќешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања која не донесе соодветна препорака затоа што резултатот од гласањето беше четири спрема четири. Од друга страна, случајот со пратеникот на СПМ Љупчо Димовски – за кого Собранието воопшто не одлучуваше дали да му се одземе имунитетот, иако имаше таква препорака од Комисијата за мандатно-имунитетски прашања, туку продолжението на таа пленарна седница се оддолжува веќе неколку недели, остава простор за сомневања дека може да продолжат и игрите со имунитетот на Вељаноски.
Некаде околу 22.30 часот вечерва, Џафери ја прекина седництаа и даде еден час пауза, на барање на координаторката на независната пратеничка група Елизабета Канческа Милеска.Таа посочи дека пратениците некаде по 19 часот биле известени дека е закажана седница, така што пратеничките групи немале време за координација. Поради тоа, Џафери даде пауза и ги повика на координација шефовите на пратеничките групи.
На почетокот од седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара да се повлече точката од дневен ред, бидејќи комисијата по два дена расправа не даде препорака за одземање на имунитетот на Вељаноски. Тој додаде дека, според извештајот, комисијата не донела одлука.