Ќе се обезбедат 100.000 бесплатни чипови за домашни миленици

Агенцијата за храна и ветеринарство набавува 100.000 микрочипови кои бесплатно ќе им бидат ставани на домашните миленичиња, а дополнително ќе ги обучуваат општините како да ги пребројуваат и да се справуваат со уличните кучиња.Тендерот ќе чини 18 милиони денари , а постапката со микрочипирањето треба да почне во мај или јуни.

Според евиденцијата во Скопје има 6.000 маркирани улични кучиња, а реалната бројка е многу поголема.Кучето ротвајлер кое пред неколку месеци нападна неколкумина граѓани во Скопје бил кастрирано и социјализирано и дадено на посвојување во Италија.Градоначалниците досега не постапувале во согласност со своите надлежности за пребројување на кучињата бездомници, како и решавање на дологодишниот проблем, односно проверка на нивната агресивност. В.д. директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, вели дека градоначалниците секогаш наоѓале соодветно оправдување за да не се спроведува законот, а сега тоа ќе се промени со новата стратегија што треба да почне со спроведување од мај-јуни оваа година. Тој не знае зошто градоначалниците не биле казнети за нивното непостапување.

Планот што го презентира в.д. директорот предвидува оние кучиња за кои ќе се утврди дека се агресивни, да се носат на социјализирање. Како и досега, нив треба да ги заловуваат општините. Тој вели дека проблемот треба да се реши системски бидејќи принципот е кучињата да се заловуваат, па по најмногу 30 дена да се вратат на улиците. Според него, опаѓа и бројот на кучиња што се носени во стационарот „Вардариште“, односно од 3.000, сега има приближно 1.400 кучиња.

Законската регулатива ќе биде спроведувана и за домашните миленици, каде што сопствениците што нема да постапат во согласност со пропишаните закони ќе плаќаат големи казни. Сите што имаат домашно милениче ќе мора да го чипираат, а базата на чипот ќе служи за здравствена легитимација, каде што ќе биде заведен сопственикот на миленикот.

Агенцијата за храна и ветеринарство нема направено попис за да знае колку домашни миленици има во државата.