Ќе се намалат цените во роаминг меѓу Македонија и Бугарија

Македонија и Бугарија денеска со меморандум ја официјализираа најавата за намалување на меѓународните тарифи за роаминг во телекомуникациските услуги.

Меморандумот го потпишаа македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, во тек на денешната заедничка седница на владите на двете држави што се одржа во Струмица, во присуство на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

Документот овозможува регулаторните тела на двете држави да почнат процедура со која ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг.

Цените на мобилните разговори меѓу Македонија и Бугарија, како што потенцираа во неколку наврати од ресорните министерства, се едни од највисоките во Европа. Сега за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за мегабајт интернет.

– Потпишувањето на меѓувладиниот меморандум е израз на политичката волја со што ќе испратиме јасна порака дека интеграцијата на Западен Балкан е од исклучителна важност за приклучување кон Европската унија, изјави министерот Московски. Тоа, дополни, ќе ги поттикне операторите да склучат меѓусебни договори за реално намалување на цените за разговор во роаминг и за користење интернет.

Македонија е првата држава од Западен Балкан со која Бугарија склучува меморандум за намалување на роамингот. Според најавите, во декември треба да биде потпишан таков договор и со Србија.