Ќе се набавува нов авион за гаснење пожари?

Неопходна е набавка на уште еден авион за поефикасно гаснење пожари, смета Дирекцијата за заштита и спасување. Во анализата што ја доставиле до Владата укажале дека тоа треба да биде уште еден ер-трактор, но двосед, за да служи и за обука на пилоти. Во моментов, Дирекцијата располага со 3 ер- трактори, за кои се грижат 4 механичари.

„Анализата покажа дека треба да се набави ист тип авион како овие што ги имаме. Со тоа што ќе биде двосед, не само што ќе ја извршува основната функција во гаснењето пожари, туку ќе ги намалиме трошоците и времето за продуцирање на македонски пилоти. Во истиот пакет, планирано е да сертифицираме минимум двајца инструктори, така што ќе нема потреба од пуштање на пилоти надвор ниту на контролни летови. До крајот на годинава очекувам да добијам зелено светло од Владата. Ако оди според планот, до мај наредната година ќе имаме нов ер-трактор двосед, со уште двајца инструктори“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски.

Со ер-тракторите управуваат тројца пилоти, само толку има во авио-одделението на Дирекцијата. Регулативата налага 9, по тројца за еден авион. Пилотите имаат обврска за освежување на знаењето на секои две години, што чини околу 100 илјади евра, за една недела.

„Обука на нови пилоти е околу 5.000 евра еден саат за еден пилот. Ако имаме наши инструктори, поевтино ќе создаваме и одржуваме наши кадри. Пилоти за ер-трактори се дефицитарни и во други држави“, објаснува Џафероски.

Дирекцијата наскоро ќе распише оглас за вработување на 4 пилоти и двајца механичари. Се чека одобрение од Министерството за финансии.

„Оваа сезона остануваме со тројца пилоти. Зашто, и да се пријават, им треба обука. Значи, треба да распишеме тендер и да го одбереме центарот за обука. Тие ќе бидат подготвени за наредната сезона“, посочува Џафероски.

За периодот на пожари што претстои, Дирекцијата за заштита и спасување веќе прогласи прва фаза на готовност. Велат дека годинава нема да има проблем со авионите, зашто се навреме сервисирани. Тврдат дека за прв пат во Македонија се ставаат сите ресурси во функција.

Општините неподготвени за пожари

Во изминатиов период, единиците на локалната самоуправа ништо не правеле во делот на обврските што ги имаат за заштита од пожари, вели Џафероски.

„Ретко која општина има штаб за заштита и спасување, немаат доброволни друштва, немаат склучено договор со спасители, немаат финансирано ниеден денар во територијални противпожарни единици. Македонија е последна земја во светот, толку сме уништени во делот на противпожарната заштита. Со години не е инвестиран ниту денар. И тоа што го има, е добиено од донации. А и на донациите не знаеле што да им прават. Единствениот центар за обука кој го имаше Македонија, односно Дирекцијата за заштита и спасување е затворен“, дециден е Џафероски, објаснувајќи дека постепено работат на изградување на оштетениот систем на заштита, преку доследно почитување на регулативата, лоцирањето на чинителите и организирање на заеднички акции.

Кога ќе се појави пожар, први што треба да реагираат се единиците на локалната самоуправа. Тие, по закон, треба да имаат план за проценка и дејствување кој постојано треба да се ажурира и да биде одобрен од Дирекцијата за заштита и спасување. „Досега и кога ќе заврнеше дожд, градоначалниците беа научени да се јавуваат во Дирекцијата. Ваквата практика мора да престане, им реков дека ние не сме комунално претпријатие кое треба да се занимава со нивните канали и речни корита. Ние сме владино тело кое треба да го организира системот на цивилна заштита“, вели Џафероски.

Ако општината не може да го совлада пожарот, бара помош од соседната општина. Паралелно, подрачните единици на Дирекцијата прават проценка, а ако состојбата ескалира, Владата прогласува вонредна состојба, по што командата ја презема Дирекцијата.

Црна Гора денес го добива четвртиот ер-трактор

И регионот ги засилува авиоединиците за борба против пожари. На авио-хеликоптерската единица на Службата за заштита и спасување на Црна Гора денеска ѝ пристигнува новиот ер-трактор двосед. Црногорските медиуми јавија дека тендерот за набавка бил експресно изведен, бил распишан во април, а понудите биле отворени во мај.

Цената на авионот изнесувала 2,3 милиони евра и уште 50.000 евра за школување на двајца пилоти. Ова е четврти авион за гаснење пожари што го поседува Црна Гора.

Анита Салтировска