Ќе се гради парк зад Филхармонија

Нов парк ќе се гради на просторот зад објектот на Македонската филхармонија што со години е запуштен и се користи како диво паркиралиште. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека во соработка со Општината Центар ќе уредат 14.000 квадратни метри со зеленило и урбана опрема. Проектот го изработи Секторот за урбанизам во Градот Скопје, градежните работи се веќе започнати, а се очекува до есен новиот парк да биде готов.

 

„Новиот парк, според површина, ќе биде поголем и од ‘Жена борец’. Предвидени се околу 8.000 квадратни метри зеленило во рамки на кое, покрај постојните 23 дрвја, ќе бидат засадени уште 60-ина нови садници. Остатокот ќе биде уреден со пешачки и велосипедски патеки, клупи, корпи за отпадоци, чешми, канделабри… Ќе имаме среќа по повеќе од една деценија да отвориме парк во центарот на градот“, рече Шилегов и дополни дека се работи за единствениот слободен простор во рамките на Малиот ринг што остана незафатен од проектот „Скопје 2014“.

Тој посочи дека овој простор со години се користи како нелегален див паркинг, а со оглед на тоа дека не е асфалтиран паркираните возила разнесуваат прашина и дополнително го загадуваат воздухот. Истовремено, посочи Шилегов, подземниот паркинг под МОБ и Филхармонијата, иако има огромен капацитет, стои неискористен. (С.Н.)