Ќе се бара притвор за убиецот од струшко Поум

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи извршил увид на лице место во струшкото село Поум, каде вчера во попладневните часови беше лишено од живот едно лице на возраст од 23 години. Обвинителот издаде наредби за прибирање и вештачење на пронајдените траги, како и наредба за вршење обдукција над починатото лице.

Настанот, како што е наведено во соопштението од Јавното обвинителство, се случил околу 18:30 минути, кога на локален пат во близина на Струга со огнено оружје е пукано во сега починатиот и неговиот татко (46). Оштетените се движеле по патот со патничко моторно возило кога до нив се доближил осомничениот (22), управувајќи со друг автомобил. Осомниченото лице започнало да пука, најпрвин со пиштол, а потоа и со ловечка пушка, при што сега починатиот е смртно погоден, а неговиот татко се стекнал со тешки телесни повреди. По извршување на делото, осомничениот избегал а подоцна самиот да се пријави во полициска станица.

Надлежниот јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомниченото лице сторило кривични дела убиство и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Струга ќе достави и предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице, велат од обвинителството.