Ќе протече ли дизел низ цевководот Солун-Скопје?
Одборот на директори на македонско-грчката фирма „Вардакс“, која што стопанисува со продуктоводот Солун-Скопје има седница в понеделник. Владата вчера беше молчелива за дневниот ред на средбата. На редовниот прес во среда, Владата кусо кажа дека двајцата претставници на македонскиот капитал во одборот на директори на „Вардакс“ ќе учествуваат на седницата и добиле насоки како да гласаат.
Сопственик на 80 отсто од компанијата „Вардакс“ е најголемата грчка рафинерија „Херленик петролеум“ преку својата компанија „Елпет Балканики“, а 20 отсто од акциите ги поседува Владата на Македонија. „Вардакс“ е формирана во 2002 година, за да управува со нафтоводот Солун-Скопје, а токму тој нафтовод е акутен проблем во релациите ОКТА-Македонија последниве три години. Две години со старата и една година со новата влада, се чека дозволата за да профункционира цефководот, кој што претходно ОКТА го исчисти од талозите додека преку него се транспортираше сурова нафта. Се пишуваа писма, се договараа средби што не се одржуваа, се формираа работни групи.
Пред 10-тина дена вицепремиерот Кочо Анѓушев, прашан за промена на методологијата за пресметка на цената на горивата, потсети дека договорот со „Хеленик“ истекува на средината на наредната година. Дека дотогаш ќе има нешто ново и за нафтоводот, малку е веројатно.
Но, за што ќе се разговара на понеделничката седница е уште поинтересно и поради фактот што на средината на април, Грција објави меѓународен тендер за продажба на мнозинскиот удел во „Хеленик петролеум“, на што беше обврзана со третиот економски пакет. Треба да бидат продадени најмалку 50,1 отсто од компанијата. Пазарната вредност на рафинеријата е проценета на 2,6 милијарди евра.
„Хеленик петролеум“ е 100 отсто сопственик на „Елпет балканики“ ,која, пак, поседува 81,5 отсто од акциите во Окта, каде нешто над 10 отсто од акциите поседува македонскиот нафтен дистрибутер Пуцко Петрол, а над 7 отсто поседуваат вработените во компанијата.
Грчката страна инсистира дека функционирањето на продуктоводот би го направил транспортот на дизел гориво многу поевтин. Истовремено, бидејќи тоа е единствен прекуграничен цевковод во регионот, би овозможил континуирана испорака на дизел не само за Македонија, туку и Косово и за пазарот на јужна Србија, независно од условите на патиштата, железницата, како и на граничните премини. Идејата на “Хеленик” е од ОКТА, која што не функционира како рафинерија да направи регионален дистрибутивен центар за мазут.
Анита Салтировска