Ќе отидат половина милион евра за 0,1 отсто гласачи во дијаспората

Рекордно низок одѕив на дијаспората е забележан во ова предизборие, така што конечната бројка на македонски државјани што ќе можат да гласаат во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава е сведена на 1.782 лица. Тоа не е ни 0,1 отсто од вкупното избирачко тело, со оглед на тоа што избирачкиот список брои околу 1.8 милион гласачи.
Според информациите, станува збор за лица кои се запишани во Избирачкиот список и кои сега ќе бидат одделени во посебен извод како гласачи кои ќе го остварат своето избирачко право надвор од државата. Со оглед на тоа што нема попрецизни податоци колку од запишаните гласачи во Избирачкиот список се надвор од земјава, проценките се дека мошне слабата заинтересираност за гласање во ДКП може да влијае негативно на цензусот од 40 проценти во првиот круг. Тогаш, за изборите да се сметаат за успешни, на гласање ќе треба да излезат минимум околу 720 илјади избирачи.
За 1.782 наши иселеници ќе се организира гласање на 20 април во 32 амбасади и конзулати во странство: во Абу Даби, Белград, Берлин, Берн, Бон, Брисел, Будимпешта, Букурешт, Вашингтон, Венеција, Виена, Детроит, Загреб, Истанбул, Камбера, Копенхаген, Лондон, Љубљана, Мелбурн, Минхен, Њујорк, Осло, Отава, Париз, Прага, Приштина, Рим, Сараево, Стокхолм, Торонто, Хаг и во Чикаго.
Вкупната бројка на заинтересирани за гласање во странство е, всушност, нешто поголема, со оглед на тоа што во 15 ДКП нема да се организира гласање затоа што на тие локации се пријавиле помалку од десет гласачи. Станува збор за македонските ДКП во Анкара, Астана, Атина, Варшава, Доха, Каиро, Киев, Мадрид, Москва, Њу Делхи, Пекинг, Подгорица, Солун, Софија и Тирана.
Пред 20 април во странство треба да заминат 256 члена и заменици-членови на избирачки одбори, како претставници на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса (односно на најголемите партии на власт и во опозиција) за да го спроведат гласањето. Покрај нив, во процесот ќе учествуваат и по двајца вработени во ДКП во кои ќе се гласа. Со оглед на тоа што гласањето е во два круга, првичните проценки се дека изборите надвор од земјава ќе го чинат буџетот од 350 илјади до 500 илјади евра.
Од воведувањето на гласањето во ДКП, кое првпат беше реализирано на парламентарните избори во 2011 година, се бележи постојан пад на одѕивот на иселениците за учество во изборните процеси во земјава. Тоа особено стана забележливо во последните циклуси гласање. Така, за референдумот во септември минатата година беше организирано гласање во 33 ДКП за вкупно 2.694 избирачи. Затоа, пак, на предвремените парламентарни избори во 2016 година беа спроведени избори за околу 5.700 македонски државјани што живеат надвор од земјава. Тоа, исто така, е симболична бројка, со оглед на информациите дека повеќе десетици илјади граѓани се иселиле од Македонија во последните години, но е барем три пати поголема од оваа последна бројка на гласачи што ќе може да го остварат избирачкото право оваа година. (A.M.M.)