Ќе мрзнеме ли и покрај централното греење: И исклучените ќе купуваат мерачи за греење

Граѓаните што не користат парно и во иднина ќе мора да плаќаат паушален износ, пресуди вчера Уставниот суд. Уставните судии вторпат ја отфрлија иницијативата поднесена од членовите на Здружението за заштита на човекови права „Но пасаран“, кои бараа да се оцени уставноста на членот 66, од правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика.

Со овој член беше воведена обврската и граѓаните што се исклучени од централното греење да плаќаат надоместок бидејќи ја користат топлината што поминува низ цевките. Од Судот изјавија дека за истиот член 66 решавале во 2013 година и уште тогаш иницијативата е отфрлена. Приближно 12.000 домаќинства исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија секој месец плаќаат паушален износ во зависно од површината на станот. Тие веќе неколку години протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика.

Уште поапсурдно е што и исклучените се сметаат како дел од системот за централно греење, така што иако не се греат, ќе мораат да набават калориметри и да добиваат сметки според тоа колку всушност не потрошиле енергија.

Од „Балкан енерџи“, компанијата што го снабдува Скопје со парно, велат дека граѓаните ќе имаат пониски сметки ако штедат на греење. Според пресметките на компанијата, ако успеат да ја намалат потрошувачката на топлинска енергија за 35 отсто, односно да ја намалат просечната собна температура за 5 и повеќе Целзиусови степени, тогаш ќе имаат заштеда од 120 евра за десет години, или пониски сметки за околу 4,3 отсто годишно.

Велат дека според искуствата од европските земји, со поставување мерачи ќе се остварува заштеда на топлинска енергија од околу 15 до 20 отсто годишно.

Сегашниот стандард за нормално греење е 21 степен, што значи секое намалување на температурата ќе значи и откажување на граѓаните од топлината за нормално живеење. Посебно проблем ќе имаат граѓаните што имаат стан кој е на крајот на зградата. Овие граѓани ќе имаат повисоки сметки за греење ако сакаат да задржат нормална температура во станот.

Што се однесува до поставувањето на мерачите на секој радијатор, што е можност за заштеда на топлина во становите, како што информираат од БЕГ, цената на комплетната опрема е околу 300 евра, но ако се вметне во сметката на потрошувачот за да се исплаќа на рати, тогаш трошокот за граѓаните ќе биде околу 480 евра.

Поставувањето индивидуални мерила на топлинска енергија и на алокаторите има свои предности и недостатоци.

– Основна предност е што станарите добиваат можност за индивидуална регулација на собната температура и греењето во одделни простории во станот, со што на ниво на зграда можат да се остваруваат значителни заштеди. Недостаток е високата цена на опремата и нејзиниот релативно кус работен век од само десет години, намалениот комфор, голема разлика во сметките помеѓу периферните станови и оние во централниот дел на објектот при одржување на ист комфор, бидејќи периферните станови наместо заштеда ќе имаат зголемување на сметките за греење,како и можноста за манипулација со опремата од несовесни станари – велат од БЕГ.

Анѓушев се демантира сам себе

Откако во понеделникот изјави дека калориметрите ќе бидат обврска за сите корисници, а Владата ќе бара начин да им помогне со плаќањето, денес вицепремиерот Коќо Анѓушев го демантира тоа.

„Не е задолжително поставувањето на мерни уреди (калориметри) во објекти кои се веќе приклучени на дистрибутивната мрежа, односно тоа е оставено на избор на самите потрошувачи и со самото тоа ќе нема никакви наметнати дополнителни трошоци за постојните корисници“, велат од кабинетот на вицепремиерот.Тие појаснуваат дека инсталирањето калориметри е задолжително за секој нов објект за кој е започната постапка за одобрение за градење по влегувањето во сила на овој закон.

Александра Спасевска