Ќе има помош за производителите на сливи

Министерството за земјоделство идната недела ќе каже како ќе им помогне на производителите на сливи. Се работи за интервентна мерка за стабилизирање на пазарот, откако земјоделците денеска протестираа заради ниските откупни цени. Тие го блокираа патот Радовиш-Струмица и побараа дел од сливите да одат за откуп и дел за индустриска преработка.

„Мерките кои што ќе бидат преземени беа заеднички разговарани на состанокот во Радовиш помеѓу тимот од Министерството и производителите и откупувачите на сливи. Тие ќе бидат од заеднички интерес и на производителите и на откупувачите на сливи“, се истакнува во соопштението на МЗШВ.

Според барањата за субвенции за сливи за 2018 година, пријавени се 2.788 лица со површини од 2.121 хектари. Од Програмата за директни плаќања за одржување на насади од слива се исплаќа субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари. Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, производителите на сливи имаат можност да аплицираат за субвенција од три денари за килограм за предадени сливи во преработувачки капацитети.