Ќе завршат ли амандманите на ВМРО-ДПМНЕ навистина во контејнер?

Близу 36.000 амандмани на законот за употреба на јазиците може да завршат навистина во контејнер, како што обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ кога тие се архивираа, преведуваа и умножуваа. Можноста да биде саботирана „амандманската офанзива“ на ВМРО-ДПМНЕ ја најави пратеникот на ДУИ, Артан Груби, како претседател на Комисијата за европски прашања, во која се разгледува законот за јазици бидејќи во Собранието влезе со европско знаменце. Груби најави дека законот за јазиците ќе се гласа деновиве и дека амандманската дебата за него е завршена, што би значело дека парламентот нема да расправа за 35.569 амандмани на ВМРО ДПМНЕ. Груби ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со амандманите продава лажен патриотизам и посочи дека на Венециската комисија ќе ѝ бидат пратени единствено спорните одредби за униформите, банкнотите и хартиите од вредност, но не и целиот закон, како што најавуваа од СДСМ. Како што рече Груби, коалицискиот договор со СДСМ не бил целиот закон да оди на Венециска комисија.

Од ВМРО-ДПМНЕ немаше вчера конкретен став околу најавата на Груби за прескокнување на амандманската расправа за законот, кој беше една од основните точки од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ. Новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, порача дека не би требало да се дозволи тоа и дека опозициските пратеници ќе се координираат дополнително и ќе заземат став како ќе постапат доколку се случи навистина овој законот да оди директно на гласање. Данев вели дека не разговарале со СДСМ околу Законот откако владејачката партија го отфрли барањето да биде повлечен и да се формира работна група во која сите партии ќе ги усогласат ставовите околу ова прашање.
„Се надевам дека и СДСМ ќе реагира и нема да дозволи законот за јазиците, за кој сметаме дека е неуставен, да биде донесен повторно со прекршување на Деловникот и процедурите. Амандманската расправа за законот не е завршена, затоа што и во трето читање секој пратеник има право да поднесе амандмани за членовите за кои има забелешки од претседателот на државата“, вели Данев.

Тој повтори дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која веќе неколку месеци е во бојкот, ќе се врати во парламентот само за законот за јазици, односно за расправата за нивните над 35 илјади амандмани.

Можноста да нема амандманска расправа, всушност, прв ја најави претседателот на парламентот Талат Џафери на брифинг со новинари пред неколку седмици. Џафери тогаш посочи дека во сите амандмани имало забелешка дека законските одредби се неуставни, а Собранието не е надлежно да толкува уставност на закон. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека на таков начин Џафери би го укинал парламентот. На последниот брифинг Џафери рече и дека според Законот за Собрание 11 февруари е последен рок за почеток на расправата за законот за јазиците, но седницата на чиј дневен ред се најде оваа регулатива беше прекината на 30 јануари и оттогаш не е закажано нејзино продолжение.

ДУИ најмногу инсистира да стапи што поскоро во сила законот за употреба на јазиците, како едно од основните барања на оваа партија пред стапувањето во коалиција со СДСМ што, пак, испровоцира протести пред парламентот кои кулминираа со настаните на 27 април минатата година. СДСМ го прифати барањето на ДУИ, која претходно учествуваше во подготовката на сличен ваков закон додека беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но тој не стигна до фаза на гласање. Сепак, сегашните партнери во Владата се во расчекор околу постапката за потврдување на законот за јазици: наспроти ДУИ, која бара тој да оди директно на гласање, СДСМ се залага да се следат процедурите.

Пратениците на СДСМ, според информациите, сметаат дека меѓу амандманите на ВМРО-ДПМНЕ има и такви што се беспредметни, со единствена цел да се блокира парламентот. Сепак, СДСМ е со став дека мора да се почитува Деловникот. Во таа насока беше и неодамнешната изјава на вицепремиерката Радмила Шекеринска – дека треба да има расправа, но не за сите амандмани.
Кога ВМРО-ДПМНЕ поднесе десетици илјади амандмани за законот за јазици во третата фаза, наспроти осумдесетина што ги поднесе во второто читање, премиерот Зоран Заев посочи дека мора да се почитува правото на опозицијата за интервенција во законите, но дека и таа треба да биде свесна дека со злоупотреба на тоа право се блокира Собранието.

„Јас сум загрижен што ќе се случи со реформите и како ќе одат законите од реформскиот процес. Македонија е пред позитивна клима со можна позитивна препорака за отпочнување на преговорите и се надевам до јуни и на датум за преговорите. Ако ги заглавиме реформите, навистина не можеме да кажеме дека се движиме во ваков правец. Верувам дека опозицијата ќе биде разумна во делокругот на Деловникот и дека во разговор меѓу координаторите и претставниците и на опозициската и на владејачката партија ќе се изнајде решение“, изјави Заев.

Александра М. Митевска