Ќерката на Џафери и синот на Грчев примени без конкурс

Ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери и синот на архитектот близок до власта, Мирослав Грчев, добија вработувања во државната „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ). Нивните работни места не беа огласени и примени се без конкурс, што дополнително ја зовре јавноста во ситуација кога се бара чесност, непристрасност и транспарентност по промената на власта пред десетина месеци. Од ЕЛЕМ потврдуваат дека своите редови ги засилиле со Димитар Грчев и Бесија Џафери објаснувајќи оти сѐ е чисто и законски.

Примени се преку Агенцијата за вработувања, а во такви случаи тоа значи дека тие не се вработени во ЕЛЕМ, туку ни се отстапени од Агенцијата. Конкретно, нивниот договор е од 5 април и трае до 31 декември, односно до крајот на годината. Колегата е на место инженер за животна средина, а колешката е референт за правни работи. За овој тип вработувања не е потребно да се распише оглас бидејќи се привремени. Хипотетички, доколку по истекот нивните договори бидат продолжени на неопределено, тогаш ќе мора работните места да се огласат. Уште една работа: без оглед што договорите за вработување им се привремени, и за нив мораше да се добие согласност од Министерството за финансии“, ни изјавија од ЕЛЕМ.

Откако веста за нивното вработување допре до јавноста, Димитар Грчев на својот профил на Фејсбук напиша: „Да, работам за ЕЛЕМ. Благодарам за интересот, дефинитивно го немаше кога работев во фабрика во Штип“.

Според неговите искази, тој бил вработен во „Џонсон контролс“ (сега „Адиент“) и платата му била повисока отколку во ЕЛЕМ. На прашањата од неговите пријатели зошто тогаш си заминува и прифаќа да работи за помалку пари, вели поради тричасовниот секојдневен пат и десетте часа работно време, поради што не можел да оствари други аспекти од животот кои му биле важни.

Дадов отказ во октомври, но добро, вие сѐ сте одлучиле, сѐ знаете и сѐ е веќе решено“, им одговара на критичарите.

Бесија Џафери и нејзиниот татко засега не се произнесуваат за вработувањето.

Талат Џафери е еден од најмоќните политички фигури во земјава. Мирослав Грчев, пак, во моментов е координатор на работната група за „Скопје 2014“, чија задача е да дава мислење за спомениците. Всушност, тој е еден од најголемите критичари на контроверзниот проект. Во постојана „војна“ е со сите раководства на ВМРО-ДПМНЕ, а е недвосмислен поддржувач на политиките на СДСМ.

Непотизмот се дефинира како злоупотреба на службената, политичка и друга моќ за доведување роднини на привлечни и влијателни функции. Иако таквиот тип владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ беше една од причините за секојдневните протести, новата власт предводена од СДСМ продолжи со истите практики. Неоспорно е правото на сите работоспособни лица да си најдат работа, па макар и во државната администрација, без оглед чии ќерки и синови се, но тоа да биде во една транспарентна постапка, каде што секој кандидат ќе добие еднаква шанса да го истакне својот потенцијал, па нека победи најдобриот. Во Македонија, за жал, работите никогаш не функционирале по тој принцип. Тоа е јасно нотирано во сите меѓународни организации, кои го нотираат владеењето на правото, корупцијата и непотизмот во земјава.

Пред четириесетина дена американскиот амбасадор Џес Бејли јавно го искритикува Советот на јавни обвинители, по информациите дека претседателот на оваа институција учествувал во одлуката за назначување на неговата внука за обвинителка во Организиран криминал. Амбасадорот посочи дека граѓаните треба да бараат отчетност, транспарентност и информирање од страна на институциите.

Тоа значи дека граѓаните треба да одбијат да го свртат погледот на другата страна кога ќе се соочат со прекршување на законите или со корупција, а тоа значи дека не треба да се прифаќаат работите онакви какви што се, особено доколку сте соочени со непотизам и лични појави“, рече Бејли.

Горан Адамовски