Љубчо Георгиевски агитира „за“

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, влезе во кампањата „за“ договорот со Грција. Во рекламниот спот, тој ги убедува граѓаните да излезат и да гласаат за спогодбата од Мала Преспа, оти во спротивно, ризикуваат следните две, три или повеќе децении да се викаме Поранешна југословенска република Македонија.

Неговиот настап се издвојува од остатокот на убедувачите, кои главно повикуваат на вредностите од нашето членство во Европската Унија и во НАТО. Во видеото се појавуваат и првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, потоа австрискиот премиер Себастијан Курц и владиката Пимен.

Австрискиот канцелар беше редовен гостин на митинзите што ВМРО-ДПМНЕ во ерата на Никола Груевски ги правеше заклучно со парламентарните избори во 2016 година. Поради тоа беше обвинуван од тогашната опозиција, а сегашна власт, дека со давањето поддршка на лица чии гласови се слушаат во „бомбите“, всушност, дава поддршка и на криминалот. Но, работите се сменија, па сега Курц, во својство и на претседавач со ЕУ, неодамна беше во посета на Македонија за да даде активна поддршка на референдумското изјаснување.

Владиката Пимен, пак, се соочува со напади на социјалните мрежи поради тоа што „ја продал Македонија“.

„Ова е историски момент кога одлучуваме за нашата земја. Потребно е секој секому да подаде рака, да ги надминеме сите оние разлики и кавги и да се обединиме во идејата за европска иднина. Ова е историска шанса која не смееме да ја пропуштиме. Затоа на 30 септември ќе излезам и ќе го дадам својот ‘за’“, посочува владиката.

Македонската православна црква соопшти дека секој граѓанин е доволно зрел самиот да одлучи дали и како ќе гласа за претстојниот референдум.

Општо прифатен впечаток е дека кампањата „за“ е апсолутно доминантна во поглед на оние „против“ и „бојкот“, што според пи-ар експертите е сосема очекувано, имајќи ги предвид средствата со кои располага власта, но и поради тоа што неподдржувачите на договорот имаат интерес да ја стивнат гласноста околу референдумот, со цел што е можно помалку граѓани да излезат и да гласаат. (Г.А.)