Љубов во време на референдум


Анета Димовска

Есен, 1 октомври 2018 година. Сонцето повторно изгреа над Македонија. Некои сè уште ги држи референдумското расположение, па додека го пијат утринското кафе се навраќаат на вчерашниот ден и чинот кога гордо ја заокружуваат опцијата „за“ Европска Македонија, а во воздухот покрај мирисот на кафе го чувствуваат и просперитетот кој е присутен по вчерашниот „квантен скок“ кон НАТО и ЕУ. Некои пијат чај, ама независно и ним им мириса на победа и просперитет. Други, не многу задоволни од историската шанса која им се укажа ги прибираат оловните чевли со кои отидоа вчера до гласачките места да заокружат „за“ Северна Македонија. Ним им мириса на неволја, па гледаат чевлите да ги сместат некаде при рака, свесни дека скоро повторно ќе треба да ги облечат на патот до некоја нова тешка одлука или кога ќе го напуштаат огништето.

Наредните постапија како што им велеше срцето, а тоа им вели дека договорот е капитулантски, а референдумското прашање незаконско и непристојно. Затоа, некои отидоа и гласаа „против“. Ова утро им мириса на студ. Ќе беше подобро да беа помногубројни. Многумина #бојкотираа (кај нив мириса на ајвар), некои игнорираа (на овие веќе им е 2 октомври затоа што за нив септември имаше 29 дена), а други апстинираа (добар дел секогаш, без да им каже срцето).

За резултатот нема да зборувам. Поважно од бројките е тоа што во претходниот пасус напишан на македонски јазик има многу невидливи а тешки, многу тешки редови испишани со јазик на омразата: расправии, одвратни клетви, пцости, дури и закани по живот. Таму има милион и осумстотини илјади предавници и нема патриоти. Тие редови полни со негативен набој и емоции тежат повеќе од секаква постапка и резултат, а мирисаат на мрша.

Ја убивме Република Македонија. Сите ја убивме… со алчноста, со омразата, со мрзеливоста, со некадарноста, со неодговорноста, со корумпираноста, со неспроведувањето на законите, со различните аршини, со големите сништа, а со откажување од сопствената автономност и прифаќање на туѓа волја или суд.

Сето ова заради немањето храброст, заради послушноста кон личности и непослушноста на институции. Да, послушноста може да убие.

Сè додека човек е послушен на оние што ја имаат моќта (држава, политичка партија, друг авторитет), се чувствува сигурен и заштитен. Не може да згреши бидејќи друг одлучува за него, не може да биде осамен бидејќи е со оние што ја имаат моќта, не може да направи грев… често, не размислува или всушност не му е ни важно на која моќ се покорува.

За да биде непослушен човекот мора да има храброст да биде сам, да греши и да прави гревови. Да си храбар значи да размислуваш и чувствуваш самостојно и некогаш да знаеш да кажеш „не“ на моќта. Овие непослушните се напаѓани за сопствените ставови како од послушниците на одреден центар на моќ, така и од самиот центар на моќта. Значи, оние слободните, оние со различно сопствено мислење се оцрнети од послушните и оценувани како недоволно зрели или претерано деструктивни од центарот на моќ на кој не му се покоруваат за да им се дозволи да живеат без „камшик и ѕевгар“.

Така, во услови на недостиг на усогласени ставови на национално ниво по клучни прашања, како и во услови на немање јасна визија и кадарност за нивна реализација Република Македонија се сегментираше по многу основи и се промовираа многу различни центри на моќ (политички партии, движења, институции, меѓународни организации, домашни и странски поединечни авторитети и сл.). Ова создаде многу послушници на истите и многу непослушници. Оттаму произлезе пизмата меѓу луѓето и атмосферата на лудило од вселенски размери, комплетен хаос и силна реа од организмот кој во континуитет го повредувавме (мислејќи дека го негуваме и растеме), по што дојде и отворен повик на моќта за „камшикара“ за нас.

Неприфатливо и тажно… Претендираме да живееме во економски и социјално напредна држава, а со идеи за политиката и општеството од средниот век. И „потребата од камшикара“ и импровизациите од различна природа целосно ги еродираа врските меѓу поединците кои го делегирале правото да носат одлуки и оние кои ги носат во нивно име.

Можно ли е да продолжиме понатаму по сè што се случи и како?!

Прво, екстремно сложената ситуација во која се наоѓа Република Македонија налага потреба од релаксирање и смирување на страстите од една, со едновремено враќање на довербата на граѓаните и градење на лојалност и приврзаност кон државата од друга страна. Веројатно последниот механизам кој ни стои на располагање е да се постигне национален консензус за значајните прашања кои се од важност за опстојување на државата, да се утврди стратегија за натамошно дејствување и да се концентрира моќта од различните центри и авторитети во Влада која ќе има широка поддршка од граѓаните.

Оттаму, неопходно е да се формира влада на широка коалиција со јасен мандат да ги турка процесите кои се неопходни: да ја врати вербата во државата и институциите, да го реформира правосудниот систем и администрацијата и да обезбеди економски и социјални услови за нормален живот на граѓаните. Таквата Влада мора да биде составена од функционери кои се докажани професионалци, со висок интегритет, за да биде во состојба да се издигне над спиралата од популизам која го довлече на дно македонското општество и да гради систем на вредности во кој граѓаните ќе добијат одобрување за сопствениот придонес.

Во законодавниот дом граѓаните мора да бидат претставени од храбри, некогаш непослушни (што значи слободни) народни претставници, кои легитимитетот ќе го црпат непосредно и лично од оној кој им го делегира. Така, треба да се размисли за воведувањето на принцип на преференцијално гласање, односно на отворена изборна листа, па нека бидат пратеници оние кои ќе освојат најмногу индивидуални гласови во средините од кои доаѓаат. Ова ќе значи демократизација на партиите, но поважно и повеќе пратеници со интегритет и компетенција кои можат да придонесат со напредни идеи во Собранието.

Мирисот на просперитет од ЕУ и НАТО е измешан со мирисот на неволја и студ во првите есенски денови, мирис на кафе, чај и леб со ајвар… Така мириса овде. Можеби може и подобро ако ги напуштиме архаичните страсти на стравот, омразата и алчноста и застарените клишеа. Можеби и би можеле да ја воскреснеме Република Македонија, со почит, со одговорност, со работливост, со принципиелност, со чесност, со спроведување на законите, со ист аршин за сите, со помалку сништа, а повеќе прагма. Можеби…

Насловот „Љубов во време на референдум“ е онака, надреализам, зошто љубов во времево на референдум нема. А, можеби и има по некој што размислува за неа. Можеби…

Извесно е само дека повторно и утре сонцето ќе изгрее.