Љајиќ: ЦЕФТА да го забрза протокот на стоки низ Балканот

Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ реагираше на долгото чекање на камионите кога минуваат од една во друга држава во регионот, кое трае од седум до 48 часа и побара реформи во регионалниот трговски блок ЦЕФТА, со што би се овозможил побрз проток на стоки низ Балканот.

– Според податоците на ММФ, годишно губиме 26 милиони часови поради чекање на камионите на граничните премини. Околу 800 милиони евра се плаќаат за разни видови услуги, оправдани или неоправдани, на тие гранични премини. Тоа е околу еден процент од бруто домашниот производ на сите земји во регионот, изјави Љајиќ на собир на ЦЕФТА во Белград, при што ја повика регионалната организација да се „зафати за работа“ и да не чека сите проблеми да ги решаваат политичарите.

Според Љајиќ, постои голем неискористен извозен потенцијал во земјите од регионот кон Европската унија.

Љајиќ при тоа наггласи дека Македонија и Босна користат само една третина од својот потенцијал за извоз во ЕУ.